Возбудлива ЕУ вечер на „Охридско лето“’ : Парискиот квартет „Модиљани“ воодушеви со виртуозноста


Еден од најзначајните гудачки квартети на денешницата, „Модиљани“ од Франција синоќа музицираше  на „Охридско лето“ воодушевувајќи ја фестивалската публика со нивната совршена изведба и внимателно избраната програма.

На репертоарот беа гудачки квартети од композиторите Хоакин Турина, Морис Равел и Лудвиг ван Бетовен.

Концертот беше во рамки на Вечерта на Европската унија што  веќе осумнаесетта година по ред се организира на фестивалот со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Р.С.Македонија.

 

Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, истакна дека  преку оваа соработка македонските уметници се промовираат во светот, а најдобрите европски уметници  се претставуваат пред овдешната публика.

-Навистина ми е многу мило што веќе 18 години го поддржуваме овој фестивал. Тоа е дел од нашата долгогодишна посветеност кон промовирање на музичките вредности. На тој начин се трудиме да ги  промовираме македонските уметници во светот, но и обратно, да донесеме различни европски уметници овде. Морам да изразам огромна благодарност до директорот на фестивалот „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски и до селекторката на музичката програма Симона Ѓорчева затоа што направија прекрасен избор со гудачкиот квартет „Модиљани“ кои ги слушнавме во исклучителната атмосфера на црквата „Света Софија“ што претставува една од најбесценетите богатства на Р.С.Македонија, рече заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Нупнау.

Парискиот квартет „Модиљани“ во 2023 година ја прослави својата 20-годишнина. Во сезоната 2024/2025 овој  гудачки состав е посветен на еден од најголемите потфати во нивната кариера, а тоа е снимањето на сите 16 гудачки квартети од Лудвиг ван Бетовен. Покрај тоа, во октомври минатата година остварија турнеја низ САД, а потоа и концерти во Хамбург, на биеналето на гудачки квартети во „Аудитори“ во Барселона, во Филхармониската сала во Стокхолм и на „Шубертијадата“ во Шварценберг.