Вонредно изборно Собрание на ДПМ поради актуелната состојба
Претседателката на Собрание на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Кристина Николовска соопшти дека на 25 ноември ќе свика вонредно изборно Собрание, поради актуелната состојба.
-Врз основа на Статутот на Друштвото на писателите на Македонија, а во својство на Претседателка на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, свикувам вонредно изборно Собрание за ден 25.11. 2023 година, поради актуелна состојба, напиша денеска Николовска на фејсбук страницата на Друштвото.
Вчера писателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Оставката на Петрески доаѓа откако во петокот беше објавено дека седум писатели поднесоа оставки од членство во претседателството на ДПМ. Оставки, како што беше соопштено, поднесоа Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Влатко Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска и Александра Јуруковска. Тие не ги соопштија причините за оставките. Оставка поднесе и писателот Бранко Цветкоски.
-Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам неотповиклива оставка на моето членство во Претседателството, наведе Цветкоски во писмениот допис до медиумите.