Волстрит: Најлошо полугодие од 1970 година
Цените на акциите паднаа на Волстрит во четвртокот, па берзанските индекси завршија во црвено и на месечно и на квартално ниво, додека во целата прва половина од годината забележаа најголем пад во повеќе од 50 години.
Дау Џонс (Dow Jones) изгуби 253 поени, или 0,82 отсто, спуштајќи се на 30.775 поени во четвртокот, додека S&P 500 се лизна за 0,88 отсто, на 3.785 поени, а индексот Насдак (Nasdaq) загуби 1,33 отсто, на 11.028 поени.
Така, јуни заврши во тмурно расположение. Сите три индекси забележаа пад во целиот втор квартал, а два квартали последователен пад на S&P 500 и Dow индексот не се паметат од 2015 година.
Во целата прва половина од годината Дау Џонс потона за повеќе од 15 отсто, S&P 500 за повеќе од 20 отсто, а индексот Насдак за речиси 30 отсто.
Тоа е најлошата прва половина од годината за индексот S&P 500 од 1970 година, за Дау Џонс од 1962 година, а за Насдак е најлоша од неговото постоење, пренесува СЕЕбиз.
Во првите денови од оваа година, индексите достигнаа рекордни нивоа, исто како и минатата година, благодарение на закрепнувањето на економијата од корона кризата, но набрзо трендот на пазарот стана обратен поради ширењето на варијантата омикрон. Потоа дојде руската инвазија на Украина, која го наруши пазарот на енергија, суровини и храна и со тоа дополнително го поттикна растот на и онака високата инфлација.
Бидејќи инфлацијата во САД го достигна највисокото ниво во последните 40 години, ФЕД одговори со агресивно зголемување на каматните стапки, а многу други централни банки ширум светот го сторија тоа или го најавија, вклучително и Европската централна банка (ЕЦБ), која управува со еврото. Поради ова растот на светската економија ќе забави, а можна е и рецесија, оценуваат агенциите.
Во првиот квартал американската економија падна на квартална основа, а не се одлични ниту макроекономските податоци во вториот квартал.
„Инфлацијата расте од почетокот на годината, додека економскиот раст забавува. ФЕД ги заострува финансиските услови за да ја спречи инфлацијата и паниката на пазарите. Сепак, мислам дека ‘меко’ приземјување на економијата е малку веројатно. Ми се чини дека ние всушност веќе сме во рецесија, а единственото прашање е колку длабока ќе биде таа“, вели Пол Ким, директор во „Симплифај“.
Податоците објавени вчера укажуваат на благ пад на расположливиот доход во САД, слабеење на потрошувачката, сѐ уште висока инфлација и благ пораст на невработеноста.
„Податоците почнуваат да покажуваат дека потрошувачката забавува, се чини дека инфлацијата почнува да влијае на просечниот потрошувач. И тоа може да влијае на заработката на компаниите, главните двигатели на пазарот“, вели Оливер Пурше, потпретседател во Wealthspire Advisors.
И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,96 отсто, на 7.169 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,69 отсто, на 12.783 поени, а париски CAC 1,80 отсто, на 5.922 поени.