Водачот на навивачката група „Јаничари“ во Србија топел луѓе со солна киселина


 

Брутално мачеле луѓе, им сечеле глави и ги топеле во киселина, па си ги препраќале снимките. Полицијата откри нови детали за свирепата српска криминална банда. Полицијата во соработка со БИА и обвинителството за организиран криминал, освен двајцата организатори, уапсила уште 15 припадници на групата поради сомнение дека извршиле најмалку девет ликвидации, меѓу кои и убиството на навивачот на Црвена Ѕвезда, Здравко Радојевиќ, кој лани исчезна.  Вељко Беливук, познат во јавноста по прекарот Веља Неволја, е уапсен на планината Рудник, а Мирко Миљковиќ во Белград. Вчера се претресени повеќе од 30 локации, меѓу кои и три викендички, лоцирани меѓу Лозница и Горни Милановац, во кои се пронајдени клучни докази за некои од најбруталните злосторства кои ги извршиле.

Беливук во српската јавност е познат и како водач на навивачката група „Јаничари“, подгрупа на навивачите на Партизан, што подоцна беше преименувана во Приниципи. Тој ја презеде групата по убиството на Александар Станковиќ, алијас Сале Мутави, во во 2016 година.

На Беливук му се судеше и за помагање во убиството на Властимир Милошевиќ во јануари во 2017 година, но подоцна беше ослободен од обвинението. На членовите на групата им се заканува доживотен затвор. 

„Клучните докази за ликвидациите зад кои, како што се сомневаме, стои Беливук со припадниците на неговата криминална група, која според бруталноста кон жртвите го надмина и земунскиот клан, се пронајдени во овие три викендички. Освен оружје, откриени се и материјални докази, остатоци и ДНК материјали, а форензичарите и натаму проверуваат дали меѓу насобраните траги има биолошки материјали од минатиот период“, објави српски „Курир“. 

Според неговите зборови, минатата година се случиле повеќе киднапирања кои се поврзуваат со оваа криминална група, а жртвите, но и нивните тела, не се пронајдени до денес. Според медиумот, вчера биле пронајдени клучни докази кои упатуваат на тоа дека жртвите биле мачени, а потоа горени со киселина во овие куќи.

„Повеќе луѓе се исчезнати, за чии судбини со месеци не се знае ништо. Меѓу нив е Радојевиќ, а  секаков траг му се губи од минатиот август, но и на Горан Величковиќ Гокси, како и на пинк-пантерот Миљан Љепоја. Постои сомнеж дека тројцата се брутално убиени“, вели изворот.

Лидерот на навивачите, кој бил близок со Кавачкиот клан бил уапсен вчера околу пет часот наутро, наводно додека со припадниците на својата група се обидувал да ги уништи трагите од злосторството.

„Неволја и припадниците на неговата криминална група паднаа кога тргнаа да ги запалат автомобилите што ги користеле во текот на киднапирањата, како и убиствата. Автомобилот „Смарт“ кој го однеле во Рудник стана клучен доказ во истрагата за исчезнувањето на Горан Величковиќ Гокси. Во тој автомобил е снимен Беливук, и тоа додека разговарал со Величковиќ, на кого потоа му се губи секој траг“, вели извор од  истрагата, кој открива дека оперативните информации укажуваат дека сите овие злосторства ги снимале, за потоа видео материјалот да си го препраќаат едни на други. Според овој извор, постојат информации кои укажуваат дека на еден од убиените му ја отсекле главата, на друг јазикот, додека ги топеле деловите од телата.