Водачот на „Барон“ јавно ѝ се заблагодари на Сиљановска


 

„Почитувана. Бескрајна благодарност до вас! Се гордеам што токму Вие сте нашата прва дама на Републиката!“

Ова  на социјалната мрежа Инстаграм го објави лице со име Јусуфи Акиф кое се совпаѓа со прекарот на првиот од помилуваните на списокот на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, Акиф Равманоски, кој е член и неформален водач на нарко групата „Барон“.

Давкова во прва изјава за медиумите по помилувањата кажа дека имало интересни ликови на списокот во негативна смисла, но дека таа не ги знаела и дека го почитувала мислењето на Комисијата за помилување.

„Прашањето е кој ѝ нарачал на Сиљановска слепо да потпишува помилувања на луѓе кои не смеат да припарат на улица, а камо ли да бидат помилувани? Дали е тоа Мицкоски, бидејќи таа него му должи се. Дали е тоа Филков, пуленот на Димитриески, кој е само извршител на позицијата министер за правда? Јавно ја прашуваме Сиљановска, дали се срами што помилуваните нарко босови јавно ѝ се заблагодаруваат на социјалните мрежи за помилувањето за кое наводно ништо не знаела? Ова што денес им го приредија Мицкоски и Сиљановска на граѓаните не е ништо друго туку потценување на интелигенцијата и тешка навреда за нив и за сите кои ја поддржаа Сиљановска која ветуваше правда и правна држава“, реагираше СДСМ.

Според оваа партија, денешната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова која е само марионета на Мицкоски, потврдува дека тие двајцата се на браникот на криминалот и нарко босовите во државата. 

„Сиљановска вели дека имало интересни ликови кои биле помилувани и таа не знаела за кого станува збор. Прво, со ваквата изјава се доведува во прашање и нејзината деловна способност. 
Дали ова значи дека Сиѝановска утре ќе потпишува и други акти и нема да знае што потпишува? Ова е ризик за државата. Второ, ако е ова е само лага на Сиљановска, тогаш се потврдува дека таа е само извршител и потписник на одлуките да се ослободат криминалци и нарко босови, а нарачките доаѓаат од друго место. Ова ли е правдата и правната држава која не ја извадивте од уста претседателке?“, прашува СДСМ.
 
Инаку Акиф е водач на групата „Барон“ именувана по кафуле во Чаир за кое почна да се зборува по двојното убиство во „Шиша бар“.
 
Сиљановска-Давкова вели дека кога се даваат коментари се заборава дека треба да са анализира делото. Таа вели дека не ги знае ниту имињата на помилуваните, а при потпишувањето на одлуките се водела од делото.
 
„Јас веќе и имињата не ги знам, да бидам искрена. Во првиот случај, не го знам ниту името како беше, пресудата за делото е една година и три месеци. Делото се однесува на неовластено поседување на оружје и на пет куршуми. Да, личноста знам која е, но зборувам за работата на Комисијата. Во вториот случај се работи за дело што е врзано со насилство или некоја тепачка на наплатна станица и казната е шест месеци. Веројатно тие се воделе од ова заменувајќи ги обете со условна казна од три години“, вели претседателката во изјава за ТВ 21.
 
Според Сиљановска-Давкова, „личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, тоа сега го гледам“, но повторува дека Kомисијата за помилување се водела од конкретни дела.
 
„Претпоставувам дека има начин да се санкционира бидејќи да било делото членство во злосторнички здруженија, не знам какви опасни, веројатно би било поинаку. Јас почитувам знаење, да јас потпишувам одлуки, но јас велам дека никогаш нема директно да се мешам во нивната работа. Точно е дека го имам последниот збор, но ова треба да се има во предвид“, додава таа.
 
Претседателката вчера донела одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. На листата на помилувани се најде и Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „Версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во трговскиот центар „Мавровка“. Покрај овие двајца, помилувани се и Акиф Равманоски, за кој медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“, чија казна затвор се намалува за три месеци.
 
Претседателот на државата, одлуката за помилување ја носи врз основа на мислењето на Комисијата за помилување, како и врз основа на предлогот на министерот за правда. Оваа одлука е јавна и е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“.