(Во живо) Судење „Пулс“: Критичната вечер употребата на опасни материи не била случајна

Обвинетите ниту еднаш не наредиле да се провери како оваа дискотека работи


Од судењето за „Пулс“ (Фото: Б. Грданоски)

Со изведување на воведни зборови на Обвинителството, во судницата во КПУ Идризово, попладнево продолжи првото рочиште од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој живот го загубија 63 лица.

„Од самиот почеток во објектот не постои функционален противпожарен систем, нема противпожарни сектори, нема хидрантна мрежа, нема перскалки, нема аларм за предупредување… со вакви аномалии нема одбрана од опасноста. Затворени прозорци и преградени со лим, вградени опасни, лесно запалливи материјали , исклучително токсично по животите и здравјето на посетителите во случај на согорување, а сето ова во услови на еден единствен излез за евакуација, во случај на опасност во дискотеката во која се собирале и до 1.000 луѓе. Затоа тврдиме дека отсекогаш оваа дискотека работела спротивно на секои стандарди, на секој правилник, на секој закон и на секоја здраворазумна волја и принцип на одговорност и затоа безбедноста на денот на настанот не била компромитирана – таа никогаш и не постоела“, рече обвинителот Борче Јанев во воведните зборови на судењето. 

На Дејан Јованов, сопственикот на дискотеката „Пулс“, и на другите обвините околностите им биле добро познати, тврди обвинителот.

„Во такви услови, Дејан Јованов и Михајло Јованов го договориле настапот на музичката група ДНК, кои разговори ги воделе двајцата со пејачот на групата, сега починатиот Владимир Блажев. Од изведените докази ќе може да се уверите дека користењето на пиротехниката, при настапот на музичката група бил претходно договорен. Ретроспективно обезбедени се и докази за претходни настапи на други изведувачи во клубот „Пулс“ и ќе видите дека таа критична вечер употребата на опасни материи не била случајна, туку дел од претходно договорени небезбедни сценски перформанси, отворени пламени, факели кои летале искри и што уште не“, додаде обвинителот.

Тој појасни дека поседуваат снимки кои покажуваат дека ваква пиротехника и сценски настап редовно била практикувана во настапите на групата ДНК.

Клубот бил редовно обезбедуван од истата фирма и истите обезбедувачи, кои сега се на обвинителна клупа, а не обезбедувале проценка на ризик на локација каде се собираат голем број луѓе, а од друга страна работеле со несоодветен број обезбедувачи. Пуштиле поголем број лица, меѓу кои и деца, а нивниот идентитет не бил проверен.

Сега покојниот Мартин Атанасовски, а по претходен договор на пејачот Блажевски со сопственикот на дискотеката, ги внел пиротехничките средства, а како што редовно било практикувано на настапите, при изведување на песната „Што сака нека биде“ ( во овој контекст иронично) Атаносовски со далечински управувач ги активирал пиротехничките фонтани, истите кои биле активирани во правец на плафонот од кој настанал пожарот.

Поради неподносливата топлина и отровните мириси кои се ширеле настанала паника, а единствениот излез станал пречка, односно бил претесен за напуштање на објектот. 

Тука, според него, се гледа ефектот од непостапувањето и е една од причините која довела до оваа трагедија. 

Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал вода и не ја истурил

„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал вода и не ја истурил“, изјави обвинителот Борче Јанев во воведниот збор на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на серија институционални пропусти и неодговорност.

-Катастрофата во Кочани не настана од дејствија или пропусти на една човечка рака. Не настана само како последица на активацијата на пиротехниката таа кобна ноќ, на 16 март 2025 година. Од навидум обичен сценски ефект, кога искрите од пиротехниката донесоа невиднина. Снимките кои нѐ потресоа сите и го обиколија светот се само завршниот и фатален чин на ова интитуционално, невидливо а реално, многу присутно зло, кое исплива на виделина таа вечер. Во Кочани не изгоре само објетот, со него изгоре и илузиијата дека одговорните во системот се тука кога треба да заштитат. Изгоре и вербата дека оној што бил повикан постапил навреме да спречи. Затоа изгоре за жал и иднината на невини млади луѓе кои сакале само радост и забава таа фатална вечер. Нивните животи згаснаа, а душите и телата на повредените настрадаа, не само поради огнениот вител, туку и поради вителот на долготрајна и институционална неодговорност, рече обвинителот Јанев.

 

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата се присутни и родни на настраданите во несреќата што се случи на 16 март, претставници на обвинителството, на одбраната, новинари.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 38 обвинети од кои 35 физички и три правни лица. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. 

Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.

На прес-конференцијата што се одржа на 16 јуни, јавниот обвинител Љупчо Коцевски нагласи дека секоја институција имала законска можност да го спречи или намали ризикот, но пропустите се надоврзувале и резултирале со катастрофални последици.

– Секоја од овие алки имала моќ и законски надлежности да ја спречи трагедијата или да го намали потенцијалот на истата во однос на загубата на животи, но никој тоа не го направил, нагласи Коцевски.

Судијката Груевска вети дека ќе се дојде до правдата на судењето за „Пулс“

Тоа, според обвинителниот акти, не го направиле тројца обвинети одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги КЛАСИК ДМ ДОО Кочани со подружницата Кабаре ПУЛС Кочани, односно Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ММММ КАФЕ ДООЕЛ Кочани со подружницата на правното лице КЛУБ ПУЛС Кочани, кои незаконски вршеле угостителска дејност од 2012 до 2025 година, без исполнување на минимално-техничките услови и со реконструкција без дозвола. 

Обвинетиот сопственик на објектот во кој функционирал клубот со умисла помогнал така што дозволил и учествувал во градежните активности за вршење угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена ниту пак како сопственик поднел барање за реконструкција со пренамена.

Обвинет е и братот на првообвинетиот, кој продавал влезници над дозволениот капацитет и дозволувал влез на малолетници, спротивно на законските правила за безбедност и заштита.

Во случајот е обвинета и сопственичка и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на член 47 од Законот за градење бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази односно делови и елаборати кои задолжително мора да ги содржи основниот проект.

Тројца градежни инспектори од Општина Кочани, се, исто така, обвинети, бидејќи иако биле должни да постапуваат по службена должност, не спровеле инспекциски надзор и не презеле мерки за отстранување на неправилности кај објектот „ПУЛС“. Свесно дозволиле објектот незаконски да продолжи со работа како кабаре, иако знаеле дека со тоа може да настане штета, со што постапиле спротивно на Законот за градење и Законот за инспекциски надзор.

Воедно, тројца поранешни градоначалници на Кочани кои биле на функција од 2012 до 16.3.2025 се обвинети затоа што, иако знаеле дека објектот „Клуб Пулс“ е небезбеден и незаконски според урбанистичкиот план и Законот за градење, не презеле никакви мерки за негово затворање. Со своето непостапување му овозможиле на сопственикот незаконски да врши угостителска дејност на таа локација.

Во однос на обезбедувањето на дискотеката, обвинение е поднесено против управителот на обвинетото правно лице – агенција за обезбедување од Скопје и уште четири лица припадници на обезбедувањето, од кои еден воопшто не поседувал лиценца за да врши физичко обезбедување. 

Клубот „Пулс“, како што соопшти тогаш Коцевски, го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка и проверка на сигурносните услови на објектот, опасност и можност за евакуација во случај на опасност, проверка на влезови и излези и нивна исправност, како и преполнетост на капацитет на посетители на објектот.

Дел од обвинетите се и четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување и еден генерален инспектор кои во период од 2012 до 2025 година, не презеле мерки за заштита од пожари, иако биле свесни за можните последици. Не организирале надзор, не спровеле законски обврски и не распоредиле инспектор во Кочани, со што придонеле за настанување на штетата, спротивно на Законот за заштита и спасување и Законот за организација на органи на државна управа.

Раководителот на инспекциската служба во ДЗС, пак, не ја организирал и координирал работата согласно Законот за инспекциски надзор. До 2020 година не предвидел инспекциски надзор во Кочани, а од 2021 година постапувал спротивно на методологијата за проценка на ризик. Иако знаел за постоење на објекти како „Кабаре Пулс“, не спровел ниту една контрола, со што дозволил објекти без соодветна заштита да работат и да ја загрозуваат безбедноста на посетителите.

Пет државни службеници, еден државен секретар и двајца министри се обвинети за неправилно издавање лиценци за угостителска дејност на „Кабаре ПУЛС“ во Кочани, без исполнување на законските услови. Според обвинението, тие не постапиле согласно прописите и не иницирале вонреден инспекциски надзор. За петмина, вклучително двајца поранешни министри, постапката е запрена поради недоволно доказен материјал.

Како поединечни случаи, Коцевски дополни дека во истрагата се обезбедиле докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за „Пулс“ и кој директно побарал и примил подарок за себе и за други за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. 

Во однос на Државниот пазарен инспекторат појасни дека доказите упатувале на поинакво ниво на одговорност кое во основа паѓа на инспекторите директно надлежни за контрола и самостојни во планирањето и извршувањето на надзорите.

Сите овие дејствија, како што заклучи, и на извршување, и на свесно пропуштање на правна обврска, се нераскинливи и се надоврзувале едно на друго директно кон последицата, и свесното игнорирање на безбедносните процедури од многу поединци и институции придонеле за исклучително тешките последици и неможноста да се спречи трагедијата и на време да се спасат 63 животи. 

Како резултат на севкупноста на пропустите на сите обвинети, на критичната вечер, како што дополни, на усно договорен настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК, заради сценските ефекти при настапот била договорена и употреба на пиротехнички средства, а во клубот се пропуштале посетители помеѓу кои и деца со што бил надминат дозволениот број посетители. 

Јавните обвинители утврдиле дека три пиротехнички уреди биле нелегално набавени и активирани истовремено преку базни уреди со телескопска антена. Пиротехниката била внесена и употребена без дозвола, спротивно на законите за експлозивни материи. За употребата на пиротехниката, покрај дел од членовите и придружбата на ДНК, од кои еден дел се починати, а за еден постапката е прекината поради неговата се уште лоша здравствена состојба, одговорност е лоцирана и кај првообвинетиот сопственик, неговиот син – управител на фирмата и кај четворица членови на обезбедувањето на клубот. 

-Бидејќи единствената последица која ги врзува сите овие кривично-правни дејствија е катастрофалниот пожар, во кој животите ги загубија 62 лица, меѓу кои и шест деца, Коцевски информираше дека на сите обвинети им се ставаат на товар – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.2 в.в. со чл.288 ст.3 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик за кое се предвидени најмалку три години затвор, соопшти тогаш јавниот обвинител, дополнувајќи дека за обвинетите правни лица поднесено е обвинение за кривично дело – Предизвикување општа опасност од чл.288 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.2 од Кривичниот законик.

Судењето ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството ќе биде застапувано од тим од 15 јавни обвинители. Постапката ќе се одвива со темпо од две рочишта неделно. Судот апелира до медиумите за достоинствено известување, со почит кон жртвите и нивните семејства.

Во меѓувреме, родителите и блиските на жртвите, организираа „Марш на ангелите“ кој започна веднаш по трагедијата како меморијален и протестен чин. Од тогаш, маршевите се одржуваа редовно – секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред институциите, со пораки за правда и одговорност. Последниот голем собир беше на 15 ноември во Скопје, непосредно пред почетокот на судењето, со учество на илјадници граѓани кои побараа правда, транспарентност и целосно расчистување на случајот.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.