Мицкоски не дава оставка, сака да го порази прво корумпираниот систем
„Ми се кине срцето и немам сила да зборувам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен“, ја почна прес-конференцијата премиерот, па отфрли каква било вина од сегашните власти

„Ми се кине срцето и немам сила да зборувам денес. Скршен сум и мојот дух е срозен“ – со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски ја отвори прес-конференцијата во врска со несреќата во дискотеката во Кочани.
Во театрален тон тој рече дека несреќата е резултат на систем кој се градел со децении, во време на повеќе влади, а се случи нецели девет месеци откако е избрана оваа влада. Притоа, јасно стави до знаење дека нема да даде оставка за несреќата бидејќи, како што рече, прво ќе го порази цел корумпиран систем во државава, па после на избори граѓаните ќе кажат дали треба да си замине од функцијата.
„Ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, за тоа што се случи со модуларната болница во Тетово и сите други случаи последниве три децении. Потоа ќе излеземе на избори и граѓаните ќе одлучат. Осум месеци работам онолку колку можам да го поразам овој корумпиран систем. Ако само јас треба да чувствувам морална одговорност, еве ќе ја прифатам, но прво ќе го поразам овој систем па после судот на јавноста ќе каже кој треба да понесе одговорност“, рече Мицкоски.
Потоа нашироко го опиша системот што ги „јаде“ нашите деца од кој се огради самиот.
„Влегов во политиката да променам нешто. Чувствувам длабока одговорност и огорченост од тоа што го видов досега и што нѐ доведе во оваа тешка ситуација. Ова чувство е толку подлабоко затоа што се случи по нецели девет месеци од изборот на владата. Ова е кулминација на еден лош и забрефтан систем кои ги јаде нашите надежи. Или ќе го победиме или ќе оставиме да нѐ победи нас. Победа на тој систем е можно само со доблест, одважност и личен пример, зошто тој систем се храни со лагата, систем во кој погрешни луѓе носеле погрешни одлуки. Тоа зло на корупција и злоупотреби на инстуциите, на приватизацја на државата, зло во кое сите соработувале на штета на сиот нормален свет“, рече Мицкоски на почетокот од прес-конференцијата.
Тој порача дека пред сѐ мора да има кривична одговорност за сите – до последен, порачувајќи дека нема да има милост, дека ќе има одговорност со име и презиме, „со хируршка прецизност“. Според него, народот знаел дека оваа Влада нема вина околу овој настан, но дека мора да има морална одговорност.
„Мене не ми е потребна власт по секоја цена и тука сум за да демонстрирам со личен пример како треба понатаму. Ќе дозволиме ли да победи корумпираниот систем?“ – праша Мицкоски, најавувајќи дека следните денови ќе се преземат многу акции и чекори на кои јавноста не е навикната бидејќи тоа им го должи на семејствата на загинатите.
„Да се насочиме на фактите и на сѐ она што е важно за ресетирање на еден систем што сака да не проголта сите – до точка дали ќе не има или ќе престанеме да постоиме“, рече Мицкоски.
Тој негираше дека некој се обидува да наметне одговорност на СДСМ, туку дека тоа е битка на чесните против нечесните, без разлика на идеолошките граници. „Мора да се стави крај на корупцијата и на раскалашените луѓе кои ги злоупотребуваат институциите, исто како што го загрозија и прегазија ова што денеска го гледавме, а тоа се нашите души. Ова е борба против чудовиште кое ја проголтува иднината на земјата и зема жртви, ни ги зема најмилите“, рече Мицкоски, додавајќи дека ако има одговорност за непостапување ќе се преземат чекори без пардон за било кого.
„Јас сум одлучен и ќе постапувам одлучно. Ќе има решителни чекори и одлуки, но промените почнуваат од нас самите“, рече Мицкоски.
На прашањето дали бил во Кочани во текот на денешниот ден, затоа што не беше забележан во јавноста, Мицкоски рече дека бил во градот уште од шест часот изутрината, но дека цело време престојувал во полициската станица.
Тој изрази благодарност до докторите и до соседните земји за справувањето со последиците.„Македонија мора да е посилна од корумпираниот систем“, порача на крај Мицкоски.
На прашањето дали ќе го разреши директорот на Државниот пазарен инспекторат, тој рече дека нема законска причина ниту логика да го сторат тоа, па му препорача на новинарот што го постави прашањето „да ги праша тие што му пишуваат пораки“. Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека не е надлежен ни градоначалникот на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој документ е фалсификат, дозвола за објектот нема од пред една година. Таму во 2022 година последен пат се појавил државен инспектор и не утврдил незаконитост“, рече Мицкоски. Според него, дозволата е издадена во март 2024 година со мито.
„Тоа е документ за работа на кабаре кој е издаден нелегално со оригинален печат на Министерството за економија и потпис на тогашните официјални лица на истото тоа министерство“, рече Мицкоски.
Ако била истечена една година лиценцата пред два дена тогаш зошто полицијата не го затворила објектот, беше следното прашање на кое Мицкоски рече полицијата не била во дискотеката вечерта за да контролира дали има важечка лиценца. туку поради информации дека се тргува со недозволени суптанци и дека има малолетници внатре, и тоа пет минути пред да се случи настанот. Објектот е кабаре, додаде Мицкоски, нагласувајќи дека според Законот за угостителство тоа не е во надлежност на градоначалникот.
„Прво ќе ги поразам овие кои го направија овој систем корумпиран, а потоа ќе излезам на избори и ќе ги поразам“, рече Мицкоски на прашањето дали ќе поднесе оставка, практично разјаснувајќи ја најавата за морална одговорност. Тој уште се пофали колку организирано одговориле денес институциите и Владата на трагичниот настан.
Околу дилемата зошто досега немало робусна акција како што најавува сега контрола низ сите дискотеки и ножни клубови, Мицкоски рече дека изминатите осум месеци имале акција против трујачите што продавале мазут и печалеле милиони. Потоа, против оние што со игри на среќа правеле милиони на штета на граѓаните, па апселе корумпирани, врховни судии и така натаму.
„Никој нема да биде спасен или амнестиран“, се закани Мицкоски. Претходно тој најави дека ќе се проверува потребната документација за сите објекти и клубови нагласувајќи дека контролата ќе биде ригорозна и нема да биде поштеден ниту еден ако се утврдат и најмали пропусти.