(Видео) Меркел од Софија: Мора да се согласувате, не го заборавајте тоа


Германската канцеларка Ангела Меркел на прес конференцијата по самитот во Софија рече дека овој самит е тежок, но покажале дека може да се организира и во вакви услови. Ова ќе даде импулс како за народите во регионот така и за компаниите, рече Меркел поздравувајќи ја согласноста околу зелената агенда, т.е. економија без јаглен двооксид и одлуката да се формира регионален пазар.

-Берлинскиот процес секогаш е поврзан со помирувањето на недоразбирањата и наследствата од минатото и се надеваме дека и овој процес ќе помогне. Она што мора да го кажам е дека мора да се согласувате. Не заборавајте го тоа, затоа што е многу важно, порача Меркел на крајот.

Премиерот Зоран Заев порача на прес конференцијата по самитот во Софија дека го искористиле Берлинскиот процес за да постигнат договор за патување  со лична карта низ регионот, за договарање  зелени коридори, соработка во одговорот на пандемијата и други иницијативи. Според него, ЕУ ја потврдила поддршката за Западен Балкан со 9 милијарди евра во грантови, надополнети од новиот инструмент за гаранција со кој можат да се зголемат инвестициите за дополнителни 20 милјарди евра. Ова, потенцира тој, е голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економската трансформација на регионот.

Претходно тој прати порака дека „имаме силна и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување заедно со земјите од регионот“ и дека треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани.

-Новата динамика во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, пакетот за проширување од Европската комисија и сериозниот Економски и инвестициски план, заедно со напорите на Германското претседателство со Европскиот совет, е извонредна можност регионот на Западен Балкан сигурно да напредува кон ЕУ, порача Заев.

Премиерот Бојко Борисов  им се заблагодари на земјите од Западниот Балкан што уште сега мислат на зелената економија и што делуваат европски и договараат заеднички регионален пазар.

-За нас е важно во рамките на Берлинскиот процес да посветиме посебно внимание на развојот на инфраструктурната поврзаност во регионот,  рече премиерот Борисов додавајќи дека поврзаноста во сите свои аспекти е од суштинско значење  бидејќи ќе го направи регионот посилен и поконкурентен,ќе им даде перспектива на младите луѓе кои во моментов емигрираат со брзо темпо и ќе биде соодветен одговор на демографската криза.

Претходно, земјите од Западен Балкан преку интернет усогласија и потпишаа Декларација за заеднички регионален пазар и Декларација за зелена агенда.

Усогласувањето на регионот на Западен Балкан со правилата на единствениот пазар на ЕУ и вклучувањето во сеопфатна регионална соработка е значаен чекор напред во понатамошната интеграција во ЕУ, стои во завршниот документ. Заедничкиот регионален пазар има за цел да ги поврзе економиите на Западен Балкан преку слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Декларацијата, исто така, охрабрува создавање регионални дигитални, индустриски, инвестициски и иновативни врски.

Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан е целосно во согласност со водечките напори на ЕУ за борба против климатските промени, заштита на животната средина и отклучување на економскиот потенцијал на зелената, нискојаглеродна и циркуларна економија во регионот. Преку документот, земјите од Западен Балкан ја демонстрираат својата подготвеност и посветеност за постигнување на целите на Европскиот зелен договор, давајќи значителен придонес во амбициозната Зелена агенда за регионот.

-Западниот Балкан е посветен на акција во пет клучни области: клима, енергија, мобилност; кружна економија; чистење на воздух, вода и почва; одржливо земјоделство и производство на храна; биодиверзитет. Ова ќе им овозможи на земјите од регионот да бидат активни учесници во придонесот кон развојот на политиките на ЕУ, а не само во нивното спроведување, стои во завршниот документ.