(Видео) Градоначалникот на Кочани повикан во Обвинителството, за Бектеши се бара притвор

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски соопшти денес на прес конференција дека меѓу повиканите да даде исказ околу трагедијата во Кочани е и градоначалникот Љупчо Папазов. Тој, сепак, не потврди дали градоначалникот е еден од 14-те осомничени за кои се бара притвор од страна на Обвинителството. Иако не потврди, од она што го кажа Коцевски испадна дека меѓу 14-те е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
Практично, според изјавата во „ракавици“ на Коцевски испаѓа дека е зголемен бројот на осомничените во однос на тие осум што беа објавени вчера, но не прецизираше за кого станува збор туку само нагласи дека за незаконско постапување или за постапување ќе одговараат „сите“ за кои ќе се утврдат такви елементи. Според Коцевски, заради собирање докази спроведени се претреси во Министерството за економија и на две локации во Скопје, а полицијата е овластена да упаси секого – „независно од неговото својство и позиција“. Обвинителството, рече Коцевски, бара во собирањето докази да се вклучат градежната и трудова инспектција и ангажира вештаци од високообразовна установа за да се произнесат стручно за одредени факти и околности околу дискотеката.
Нарекувајќи го „таканаречен објект кабаре“, Коцевски соопшти дека дискотеката „Пулс“ работела без обезбедени законски дозволи откако била пуштена во употреба и до настанот работела така. Затоа, Коцевски најави дека ќе се бара од Инспекцискиот совет да ги утврди фактите околу нејзиното работење и да лоцира одговорност низ годините за постапување или непостапување од страна на инспекторите, со име и со презиме.
„Мора да се справиме со феноменот на невршење на својата должност и на прогледување низ прсти“, порача Коцевски притоа, соопштувајќи дека делото за кое се гонат осомничените е формулирано како „Тешки дела дела против општата сигурност“ и за него е предвидена затворска казна од три, па до 20 години затвор. Тој притоа ги отфрли како шпекулации информациите во јавноста дека измените на Кривичниот закон се пречка за брза истрага со оценка дека се манипулативни.
Коцевски ги отфрли и грижите на јавноста околу краткотрајниот притвор посочувајќи дека станува збор за екстра мерка која им овозможува двапати по 48 часа да ги задржат осомничените без формална наредба за спроведување, се додека не се обезбедат докази за изрекување редовен притвор. Во моментов, извести тој, се одржуваат рочишта во однос на предлозите за притвор, некои одлуки веќе се изречени, но не сакаше да каже конкретно за кого и колку. Запрашан дали меѓу тие 14 лица за кои се бара притвор е и екс министерот Бектеши, Коцевски само рече дека тоа се однесува за сите 14.
Тој притоа најави дека од страна на Јавното обвинителство ќе се преземат сите активности со кои ќе се обезбеди што е можно побргу да се покренат истражни постапки, па соопшти во тој контекст дека во моментот додека зборува во зградата на Обвинителството е и градоначалникот на Кочани и дека дава исказ, но одбегна директно да потврди дали и тој е меѓу 14-те лица за кои се бара притвор,т.е. се осомничени. „Сите лица што не презеле активност што подлежи под кривично-правен аспект се тука“, одговори Коцевски индиректно, ветувајќи им повторно на граѓаните дека истрагата ќе биде брза и ефикасна и дека сите кои сториле инкриминирани дејства – ќе одговараат.
„Гневот што го чувствуваат граѓаните го чувствувам и јас. Ова е ерозија на системот“, уверуваше Коцевски практично објаснувајќи дека е мотивиран да ја спроведе правдата до крај.