(ВИДЕО) Филипче: СДСМ е силна, спремна и консолидирана, се враќаме на победничите патеки

Понеспособна влада државата немала досега, имаме обврска да ја вратиме земјата на европскиот пат, рече Филипче по реизборот


Откако беше избран без ниту еден глас против, старо-новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче, се заблагодари на членовите и посочи дека се подготвуваат за локалните избори, како и за борба со Владата.

Тој посочи дека Владата е неспособна, а за локалните избори најави лица кои ќе имаат кредибилитет.

„Ова не е само моја победа, туку заедничка победа, на сите членови на СДСМ кои искрено веруваат во правичноста, напредокот, еднаквоста. Тоа што добив дупло повеќе гласови од претходниот пат е потврда дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не е технички организиран, туку членовите веруваат во нашите политики. И така ќе продолжиме, секоја идеја ќе биде добро анализирана, секој ќе биде слушнат, а ако е добра ќе биде вградена во нашите политики“, рече Венко Филипче.

Посочувајќи дека првата борба се локалните избори, најави дека почнуваат со анкети помеѓу членството и граѓаните. Прашан дали ќе има коалиција со ДУИ, Филипче рече дека засега немаат разговори.

„Во следниот период почнува сериозната подготовка за локалните избори. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нѐ претстават, луѓето кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите пријатели и познаници, луѓе на кои ќе може да се верува дека ќе ги исполнат програмите. Ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не ги водат општините како што треба, нема проекти за доброто на граѓаните. Тоа го гледаме преку Градот Скопје, видете на што ни личи метрополата. Нема редовен превоз, нема чисти улици, нема проекти“, рече Филипче. 

Филипче посочи дека Владата не исполни ниту едно ветување, и во секоја сфера од општеството има уназадување.

„Не чека уште една тешка борба, а тоа е да се бориме против оваа Влада на ВМРО ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, којашто во изминатите 10 месеци само покажаа дека ниту знаат, ниту умеат да се справат со проблемите. Се што кажаа излажаа,  не испорачаа ниту едно ветување. Понеспособна Влада државата немала никогаш досега. Нема ниту една област и сфера во којшто нешто добро се случува. Видете што се случува во земјоделството, сите субвенции се намалени. Видете какви катастрофални политики се воведуваат во образованието. Здравството е на колена. Видете што се случува со платите на работниците, ги убедуваат дека можат да живеат со 400 евра месечно. Какви лицемери седат во Владата“, рече Филипче.

Притоа тој  порача дека СДСМ е подготвена  и умее да се бори за доброто на државата. 

„Имаме обврска пред граѓаните да покажеме дека сме подготвени, дека сме мотивирани, дека знаеме, дека умееме и дека ќе се бориме за доброто на државата, дека ќе ја вратиме државата  на европскиот пат, дека нема да дозволиме граѓаните да бидат манипулирани. Оттука јасно порачувам, СДСМ е силна, СДСМ е подготвена, СДСМ е консолидирана, СДСМ се враќа на победничките патеки. Ние ќе бидеме тие кошто ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат, за дброто на Македонија и на сите граѓаните“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.