(Во живо) Филипче: Од утре ќе се бара согласност од родителите за скринингот


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче, вели дека од утре ќе почнат да бараат согласност од родителите за спроведување на скринингот во училиштата. 

-Закаснивме една недела. Требаше да започне скринингот оваа недела, претходна да биде завршен. Меѓутоа, нешто подолго потрае анализата на бројот на учениците во училиштата, основни и средни. Така што, со оглед на тоа што сега е готова методологијата, од утре ќе почнеме да бараме заедно со МОН писмена согласност од родителите согласно методологијата. Јас верувам дека до крајот на оваа, почетокот на следната тоа ќе се обезбеди, за да од следната недела се спроведе скринингот, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Апелираше до родителите да го прифатат скринингот, додавајќи дека нема ништо страшно и оти на децата ќе им се земе обичен брис. Целта е да се открие дали ќе има асимтоматски носители на вирусот меѓу децата.

Филипче рече дека следниот понеделник ќе во Владата ќе се разговара за воведување на мерката во затворените места да може да се влезе само со сертификат за примени две дози на вакцини.

Тој повторно ја нагласи важноста на вакцинацијата, смирувајќи дека здравствениот систем е подготвен за евентуален нов бран.

-Вакцинираните доколку се заразат ќе бидат со полесна клиничка слика, така е во сите земји во светот каде има висок опфат на вакцинација. Со имунизацијата се штити сопственото здравје, јавното здравје, но и целокупнито здравствен систем, порача Филипче.

-Не очекуваме висок бран и притисок кон болниците, но сме подготвени, има слободни капацитети, доволна количина на тестови, додаде тој.

Министерот рече дека следните чекори во борбата со пандемијата ќе зависат од корона скринингот во училиштата, за да се види дали има асимптоматски ученци, но и од епидемиолошката слика со овој процент на вакцинација на населението од што ќе зависат и следните евентуални рестриктивни мерки.

Филипче потсети дека околу 790.000 граѓани се вакцинирани со најмалку една доза вакцина, 1.000 со трета доза вакцина и, како што рече, овие бројни чинат 45% од полнолетното население кое се вбројува во имунизирано.