Во Венеција денеска се отвора македонскиот павиљон на 18. Интернационална изложба на архитектурата
Подготовките за проектотот „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“, како национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата во Венеција во 2023 година, се одвиваат во рамките на предвиденото и со полна пареа. Изложбата е подготвена, изработена и веќе е пристигната во Венеција. Официјалното отворање на македонскиот павилјон ќе биде на 18 мај 2023 година, на Светскиот ден на музеите, во 18 часот на адреса: Scuola dei Laneri, Salizada San Pantalon 131/A, Венеција.
Комесар на проектот е Дита Старова Ќерими, а куратори се: Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Горан Петров. Излагачи во поставката се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски. За успешна подготовка и реализација, свој придонес дадоа соработниците: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Мила Јакоимовска, Харика Шехаби, Илија Мошев и Домника Бошкова.
Носителот на проектот е Здружението за истражување на градот – ГРАДОТ УБАВ Скопје. Ива Петрунова, претседателот на Здружението ГРАДОТ УБАВ, изразува благодарност до Министерството за култура на Република Северна Македонија за довербата и изборот на проектот за национален претставник на 18. Интернационална изложба на архитектурата, и секако, до сите учесници во реализација истиот.
Изложбата Приказни за Летната школа за архитектура од манастирот Св.Јоаким Осоговски, 1992-2017, е посветена на Летната школа на Архитектонскиот факултет, Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Изложбата ја согледува школата како психогеографски асамблаж од парчињата, спомените, кажувањата, приказните за настаните, местата и луѓето во и околу Летната школа.