Во Велика Британија црвено, во Франција портоколаво предупредување за бурата Дара


Во Франција е објавено портокалово предупредување поради бурата Дара и опасност од силен ветер, снег и мраз, а поради најавените временски услови, церемонијата на свеченото отворање на реновираната париска катедрала Нотр Дам ќе се одржи во внатрешноста на објектот.

Француската метеоролошка служба денеска предвидува силни налети на ветер во главниот град, а попладне врнежи од дожд пропратени со ветрови со брзина од над 70 километри на час, поради што вечерашната музичка програма по повод отворањето на катедралата ќе биде изменета, а најавениот свечен концерт ќе биде одложен, јавува телевизијата БФМ.

Вкупно 15 провинции се во состојба на готовност, од кои девет на северозападниот брег и уште две на југоисточниот дел поради силниот ветер, додека четири на југозапад се ставени во состојба на готовност поради снег и можни лавини.

Девет провинции во северозападна Франција, меѓу кои и Ла Манш, Сен Маритим и Па де Кале, меѓу другите, се ставени под портокалова тревога поради силните ветрови. Поради силните ветрови, француските железници соопштија дека услугите на регионалните железнички линии ќе бидат целосно прекинати за викендот, а услугите на некои линии во Бретања, Нувел-Аквитанија и регионот Лоара ќе бидат откажани или изменети.

На југозападниот дел на Франција, во четири провинции е вклучен портокалов аларм поради снег и мраз. Метеоролозите сметаат дека вкупната количина на снег ќе достигне и до метар и половина на планините.На пониските, од околу 800 метри, се предвидува снег меѓу 15 и 30 сантиметри, додека на повисоките од 1,200 до 1,400 метри, снегот може да достигне висина од 70 сантиметри до еден метар.Овие снежни врнежи придружени со силен ветер може да предизвикаат опасни снежни наноси и да го зголемат ризикот од лавини во регионот, посочуваат метеоролозите. Метеоролозите предупредуваат дека откако ќе помине бурата Дара, ќе следи многу нестабилно време, со обилни врнежи од дожд во текот на попладневните часови, што ќе го зголеми ризикот од дополнителни временски непогоди.

На удар од невремето Дара е и Велика Британија каде што беше издадено црвено предупредување за опасност по живот за поголемиот дел од Велс и делови од југозападна Англија, откако претходно ја зафати Ирска.

Владата испрати СМС порака до околу три милиони луѓе, предупредувајќи ги за претстојните бури и советувајќи ги „да останат во своите домови ако е можно“, нагласувајќи дека не е безбедно да се вози во услови на невреме, објави рано изутринава „Скај њуз“, а црвеното предупредувањето ќе трае до 11 часот.

Лондонската полиција соопшти дека бурата Дара може да донесе брзина на ветерот до 145 километри на час.

Црвеното предупредување е едно од деветте предупредувања кои се во сила викендов, вклучително и две портокалови предупредувања за ветер.Предупредувањето за ветер важи речиси за цела Велика Британија, а ќе биде во сила до утре наутро.Бурата Дара веќе предизвика големи проблеми во снабдувањето со електрична енергија, пишува „Гардијан“.

Според извештаите од Националната мрежа, повеќе од 12.600 домаќинства во централна и југозападна Англија, како и повеќе од 20.000 домаќинства во Велс, останале без струја.Исто така, на веб-страницата на Електродистрибуција на Северна Ирска, се наведува дека тие во моментов не можат да проценат кога би можело да продолжи снабдувањето со електрична енергија.