Во Валенсија спроведоа тест со четиридневна работна недела. Ова се заклучоците


Четиридневната работна недела го подобри здравјето на работниците со намалување на нивниот стрес, истовремено намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови, а  корист имаат и  децата, покажа пилот-програмата спроведена во Валенсија претставена во вторникот.

Крајбрежниот град Валенсија, трет по големина во Шпанија со речиси 800.000 жители, договори локалните празници да паѓаат во понеделник, четири пати по ред, од 10 април до 7 мај оваа година. Во проектот учествуваа 360 илјади работници.

Усвоени здрави навики
Голем дел од учесниците ги користеа подолгите викенди за да се вклучат во активности со здрави навики како што се вежбање, одмор и готвење домашно зготвени оброци, според независниот комитет за здравство и општествени науки што ја оценуваше програмата.

Податоците покажуваат подобрување на здравјето, пониски нивоа на стрес и подобрени чувства како помалку замор, но повеќе среќа, расположение и лично задоволство.

Намалувањето на употребата на моторни возила во текот на четирите понеделници доведе до подобрување на квалитетот на воздухот, а се испушташе помалку азот диоксид, покажуваат градските мерења.

Негативната страна на програмата е што пушачите и алкохоличарите ја зголемија потрошувачката на тутун и алкохол.

Висок процент од испитаниците рекле дека повеќе читаат, учеле, гледале филмови и се занимавале со хоби како фотографија, музика и сликарство.

Децата имаа повеќе време со своите родители
Четиридневната работна недела најмногу им користеше на децата бидејќи повеќе време поминуваа со родителите.

Секторот за услуги и туризам имаше повеќе гости во тој период, но трговците на мало забележаа пад на продажбата, а итните медицински служби беа преоптоварени бидејќи повеќе здравствени работници земаа одмор, се вели во извештајот.

Проектот беше дизајниран од градската лева коалиција Компромис, сојуз на прогресивни, зелени и регионални партии.

Социјалистичката влада на Шпанија лани започна сличен двегодишен проект, фокусирајќи се на малите и средни бизниси низ целата земја.