Во Турција продолжуваат преговорите за зголемување на платите во јавниот сектор

Преговорите меѓу турската Влада и синдикатите за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор продолжуваат оваа недела, а нивниот исход ќе одреди дали вчерашниот еднодневен штрајк ќе прерасне во подолготраен протест.
Илјадници вработени во јавниот сектор во Турција вчера одржаа штрајк во знак на протест против предлогот на Владата за зголемување на платите во рамките на преговорите за колективен договор, кој синдикатите го сметаат за недоволен, објавија турските медии.
Во штрајкот учествуваа вработени од десетина водечки синдикати, вклучително Мемур-Сен, Каму-Сен и Конфедерацијата КЕСК.
Штрајкот предизвика прекини во железничкиот сообраќај во Измир и други окрузи во Егејскиот регион.
Синдикалните лидери нагласија дека вќерашниот штрајк е само „предупредување“ и дека протестот може да ескалира во општ штрајк. „Ако нашите барања не бидат исполнети, ќе ја ескалираме борбата до општ штрајк и отпор“, изјави копретседателот на КЕСК, Ахмет Карагјоз.
Иако штрајкот главно ги опфати транспортните работници, во многу делови на земјата штрајкуваа и вработени во здравството и државните институции.
На претходните преговори, Владата предложи зголемување на платите од 10 проценти за првите шест месеци од 2026 година, 6 проценти за вторите шест месеци и по 4 проценти за секои шест месеци во 2027 година, со дополнително зголемување на основните плати за 1.000 турски лири (околу 25 евра). Синдикатите, сепак, го оценија предлогот како недоволен поради високата инфлација и одлучија да организираат еднодневен штрајк низ целата земја.
Доколку двете страни постигнат договор, преговорите може да завршат уште оваа недела. Во спротивно, ако не се постигне согласност до 31 август, крајниот рок за преговорите, одлуката ќе ја донесе Арбитражниот совет за државни службеници. Резултатите од преговорите ќе влијаат врз четири милиони активни и два и пол милиони пензионирани државни службеници, според ТРТ.