Во Тетово фалат учебници, образованието без стратегија, ама ќе се носи декларација која ќе го трасира патот за следните министри


Тетово кубури со учебници, или воопшто ги нема или тие што ги има се искинати и невозможни за учење. Од друга страна концепцијата беше укината, новата не е донесена, а на стратегијата одамна ѝ поминал рокот, за нова ќе почекаме. 

Но, сепак, министерката за образование и наука, денеска најде начин да ги претстави досега преземените марки како успех на новата влада, па како успеси ги претстави и зголемувањето на платите на наставниците, кое е далеку од бараното од 12 отсто, како и повеќегодишниот договор со СОНК, кој пак не е колективен договор, документ што не е потпишан години наназад. 

Инаку, платите на наставниците во септември секако ќе се зголемеше за 0,7% колку што изнесувал и порастот на трошоци. По неколкунеделно објаснување од надлежните дека платата нема да им се зголеми за 12 отсто, колку што бараше синдикатот, затоа што наводно немало пари во Буџетот, наставниците беа разочарани од зголемувањето што им следуваше кој и да беше на власт од 0,7 отсто. Но, владата, во последен момент објави дека платата ќе им се зголеми за 5 отсто, а следното зголемување да го чекаат во март за уште 7 отсто.

Она пак, што беше договорено со СОНК е во следните четири години, колку што трае мандатот на една влада, е платата на наставниците да се зголеми вкупно за околу 35 отсто, со што „конечно вработените во основно и средно образование, носителите на дејност наставниците и професорите ќе имаат плата во висина од просечна или нешто над просечна плата“, рече Неделков, на 12 октомври, по средбата со премиерот. Останува нејасно, дали мислеле на сегашната просечна плата или на очекуваната просечна плата во 2028 година?!

На денешната „Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Мерки и политики за развој на образованието, културата и туризмот и спортот“, што  е одржа во Владата, Јаневска не заборави да каже дека новата Влада затекнала многу проблеми во образованието, но според нејзе со силни напори, за кратко време, успеале да направиме многу добри работи, од кои треба да се нагласат зголемувањето на платите на наставниците, обезбедените учебници пред почетокот на учебната година, вложувањата во 36 големи реконструкции и 36 помали санации на инфраструктурни објекти. Овие рекострукции, чесно е да се каже дека повеќето се започнати или барем за нив беше изработена финансиска конструкцвија и план од претходната влада.  За Јаневска успех се и континуираните средби со граѓански, претежно младински организации, што резултирало со неколку експресно прифатени барања на студентите.

„Ова покачување на платите на наставниците претставува сериозен придонес кон она што постојано го велиме: дека образованието е еден од приоритетите на оваа Влада, затоа што продуктот што образованието го дава претставува чувар на државата. Не само што овозможивме да се одвојат средства за покачување на платите, туку со СОНК успеавме да направиме повеќегодишен договор, за наставниците да се чувствуваат сигурни, да не зависат од моменталната состојба туку да знаат дека во следните четири години загарантирано им е покачувањето на платите од најмалку 46 отсто “, рече министерката Јаневска.

Во Министерството за образование и наука се подготвува стратешки документ во кој ќе има јасно дефинирани цели за долгорочен развој на квалитетот на образованието и насоки за остварување на тие цели, објасни Јаневска.

„Идејата е овој документ да биде на јавна расправа, а потоа да се донесе во Собранието, за во иднина, кој министер и да дојде, да знае по која патека ќе се движи образованието“, објасни министерката Јаневска, додавајќи дека врз основа на овој документ, потоа ќе се изготви и следната Стратегија за образование, во која подетално ќе бидат објаснети целите од Декларацијата.

Одговарајќи на новинарско прашање за недостатокот на учебници во Општината Тетово, министерката посочи дека се обезбедени сите учебници што биле одобрени, а не биле испечатени во минатото и исто така, се дистрибуирани сите што биле побарани од училиштата. Напомена дека директорите не пријавувале оштетени учебници, за да ги заштитат сакајќи да ги заштитат родителите, кои според Законот, треба да се плати оштета во висина од 75% од цената на учебникот.

„Колку учебници биле нарачани, толку биле дистрибуирани. Побарани беа учебници за предметите физичко воспитување, ликовно и музичко образование, а истите не се предвидени со Концепцијата за основното образование“, одговори Јаневска.

Наскоро, рече Јаневска, ќе се донесе нов Закон за учебници, по што ќе следи и донесувањето на подзаконските акти, носење нови концепции, како и нови учебници.

„Откако ќе се донесе ова законско решение, ќе се разграничи што е учебник, а што материјал за учење“, рече Јаневска.(Б.Б.)