Во стампедо на митинг во Индија прегазени до смрт 39 лица

Најмалку 39 лица загинаа, а повеќе од 90 беа повредени во стампедо на митинг на популарен индиски актер кој стана политичар. Трагедијата се случи во саботата во јужната индиска држава Тамил Наду, каде што десетици илјади луѓе се собраа на јавен настан на кој говорел актерот Виџај, познат во тамилската кинематографија.
Видеата од локалните медиуми покажуваат огромна толпа луѓе собрана околу камионот од чиј покрив Виџај се обраќал на присутните. На снимките се гледа како тој им фрла шишиња со вода на поддржувачите кои се онесвестувале, пред да повика полициска помош откако ситуацијата станала опасна.
Секретарот за здравство на Тамил Наду, Сентил Кумар, денеска потврди дека на настанот што го организирала партијата на Виџај, Тамилага Ветри Кажагам, загинале најмалку 17 жени, 13 мажи, четири момчиња и пет девојчиња, а 93 лица се повредени.
„Срцето ми е скршено, чувствувам неподнослива, неопислива болка и тага. Го изразувам моето најдлабоко сочувство до семејствата на моите драги браќа и сестри кои ги загубија животите. Се молам за брзо закрепнување на оние кои се на лекување во болница“, напиша Виџај на социјалната мрежа Икс.
Актерот вети отштета од 2 милиони рупии (22.500 долари) за семејството на секоја жртва и 200.000 рупии (2.200 долари) за повредените, што е двојно повеќе од износот понуден од владата.
Се проценува дека на митингот присуствувале меѓу 25.000 и 30.000 луѓе.