Во Србија регистриран новиот вид на корона вирус


 Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека новиот вид на коронавирус, кој првпат се појави во Велика Британија, „пристигнал во Србија“, за што бил известен министерот за здравство, Златибор Лончар.

– Патничка од Лондон, која беше негативна на PCR-тестот, го донесе тој вид, нејзиниот сопруг имаше сериозни симптоми, истакна Вучиќ за ТВ Прва и додаде дека ги испитале сите контакти на таа жена и се обиделе да ги изолираат.

– Ги следевме сите контакти, ги изолиравме и денеска можеме со надеж да кажеме дека ќе го спречиме, ако тоа ни се случи, ќе ни биде пекол, кажа Вучиќ, додавајќи дека вирусот е откриен на институтот Торлак.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервјуто рече дека очекува денеска да бидат вакцинирани до 50.000 лица, како и дека Србија веќе утре би можела да биде трета држава во Европа според бројот на вакцинирани на 100.000 жители.

Според министерката за труд, Дарија Кисиќ Тепавќевиќ, во Србија денеска продолжува масовната вакцинација и досега се вакцинирани над 172.000 лица.