Во Словенија 38 отсто позитивни од тестираните


Во Словенија во последните 24 часа, со 37,8 отсто позитивни тестови, потврдени се 2.292 заразени со корона вирус, а починаа девет пациети, што ја загрижува владата и епидемиолозите.

Се плашиме дека се остварува „црното сценарио“, вели за Словенечката телевизија, Леон Цизељ од научниот институт „Јозеф Штефан“, институција која за владата изработува проекции за развојот на епидемијата.

Бројот на новозаразени со последните 24 часа е осми најголем по број зарази во еден ден од почетокот на епидемијата воопшто, а со така висок процент на позитивни тестови, болниците ќе се полнат со ковид-пациенти и следните недели, најави Цезељ.

Во моментот во болница се лекуваат 510 пациенти, од кои 131 на интензивно лекување, а болниците предупредуваат дека се близу своите максимални капацитети за Ковид-19, поради што ќе мора да менуваат други програми на лекување и зафати.

Од 2.000 дневно потврдени зарази, дури 100 ќе завршат во болница, 30 до 35 ќе завршат во болница, а 10 ќе умрат, предупреди Цезељ, а за ваквата тешка ситуација, смета дека придонесува и слабиот одѕив за вакцинација.

Владата во вторникот објави дека просекот на нови зарази потврдени дневно за последните седум дена е 1.820 случаи, а 14-дневната инциденција се зголеми на 960. Бројот на активни зарази се приближува до 20.000.