Во Словенија 1.113 новозаразени, се зголемува бројот на пациенти во болниците


Во Словенија, во последните 24 часа се потврдени нови 1.113 случаи на корона вирус, со што вкупниот број заразени достигна 24.063, од кои 15.230 се активни.

Бројот на пациенти во болниците продолжува да се зголемува, каде престојуваат 523 пациенти, од кои 82 се на интензивна нега, а бројот на смртни случаи од Ковид-19 се зголеми на 248.

– Ако е можно, останете дома, само така можеме да ја свртиме епидемиолошката крива кон доле. Ситуацијата е тешка и се менува од час во час, рече на прес-конференција Јелко Кацин, портпарол на Владата за Ковид-19, додавајќи дека Владата разгледува итни мерки за зголемување на капацитетот на болниците.

Тој ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи „Владата веќе нема простор за маневар“ за нови построги мерки.

Министерот за здравство Томаж Гантар синоќа издаде уредба со која за 14 дена се суспендираат сите здравствени услуги кои не се итни, вклучително и превентивни здравствени програми, со цел да им се даде приоритет на пациентите со Ковид. Тој најави дека во иднина приватниот здравствен сектор со концесија, лекари-специјализанти и специјалисти ќе можат да се приклучат на работата во болниците.