Во следните три недели во САД од Ковид-19 може да умрат 60.000 лица


Во САД вчера беа пријавени над 160.000 нови случаи на инфицирани со коорнавирус, а дополнително умреа уште 1.367 лица.

-Ние се приближуваме кон она што го доживеавме за време на пандемијата на шпанскиот грип во 1918 година, освен што сега се случува за многу пократок временски период, изјави д-р Питер Хотез, декан на Националното училиште за тропска медицина на Медицинскиот факултет Бејлор.

Во последните денови од ноември, односно периодот по прославата на Денот на благодарноста, во САД традиционално почнува периодот на шопинг и подготовки за Божиќ, но годинава овој период е одбележан со рекордно ниво на инфекции со коронавируси.

Досега во САД повеќе од 264.000 лица умреа од коронавирус, а други 60.000 би можеле да умрат од оваа болест во текот на следните три недели, се наведува во прогнозата објавена неделава од американскиот Центар за контрола и превенција на болести. ЦДЦ предвидува и дека бројот на смртни случаи на дневна основа може да се удвои во следните десет дена, пишува Си-Ен-Ен.

-Значи, наскоро би можеле да имаме речиси 4.000 смртни случаи дневно, што може да резултира со 60.000 смртни случаи за само дваесет дена, кажа во средата д-р Џонатан Рајнер од универзитетот Џорџ Вашингтон.

Официјалните лица предупредија дека семејните собири за време на Денот на благодарноста може да ја влошат и онака тешката состојба и ги замолија граѓаните да избегнуваат патувања и да го слават празникот само со членовите на домаќинството.