Во Скопје расте бројот на вакцинирани против ХПВ
За периодот јануари – јуни 2024 година со прва доза вакцина против ХПВ во Скопје се вакцинирани 564 лица или 83,7 отсто повеќе од истиот период лани, според Институтот за јавно здравје. Но опфатот на ниво на држава опаднал. Вакцината е задолжителна и за момчињата, но нема податоци колку се вакцинирани.
ХПВ-вирусот е главен предизвикувач на канцер на грлото на матката, кој е втор по застапеност кај жените во Северна Македонија, веднаш зад канцерот на дојка.
Според Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), опфатот со ХПВ – вакцинација беше 56,6 отсто во 2023 година. И покрај малите подобрувања низ годините (од 32,5 отсто во 2020 година на 52, 5 отсто во 2022 година), тоа и натаму е најнизок опфат од сите вакцини во задолжителниот вакцинален календар. Причините се заради предрасуди – дека вакцината предизвикува неплодност, дека е преуранета за деца на таа возраст или дека е неквалитетна.
„Во првите шест месеци од 2024 година, со прва доза ХПВ вакцина во Скопје се вакцинирани 564 лица, а со втора доза 378 лица. Бројот на вакцинирани лица со прва доза во споредба со истиот период лани е зголемен за 83,7 отсто, а со втора доза за 14,2 отсто“, вели д-р Кристина Ставридис од Институтот за јавно здравје за РСЕ.
Но и тој опфат во Скопје, иако речиси е удвоен за половина година, се уште е многу понизок од потребниот опфат над 95 отсто за да се постигне колективен имунитет.
На ниво на држава, за периодот јануари – јуни 2024 година, опфатот со вакцинацијата против ХПВ благо опаднал. Бројот на вакцинирани деца со прва доза на ХПВ вакцина на територијата на целата држава без Скопје е намален за 2,6 отсто, додека бројот на вакцинирани деца со втора доза на ХПВ вакцина е намален за 21,4 отсто, се податоците што ги сподели д-р Ставридис.
Тоа се бројки само за половина година. За целосен извештај за вакцинацијата со ХПВ во 2024, ИЈЗ треба да ги обработи податоците од кога ќе заврши годината.
Дополнително, вакцинација со втора доза ХПВ вакцина воопшто не е спроведена во шест Центри за јавно здравје, затоа што е планирана за второ полугодие од училишната годината.
Од мај 2024 година во Северна Македонија стана достапна девет-валентна вакцина против ХПВ, која штити од повеќе типови на вирусот, наместо дотогашната четири-валентна вакцина.
Новина беше што вакцината стана задолжителна и за момчињата над 12 години затоа што тие и го пренесуваат ХПВ, а во исто време и заболуваат.
Друга можност што се воведе е вакцинацијата да се заврши до 19 години возраст наместо на 12 како претходно.
Тоа охрабри повеќе родители да ги вакцинираат децата со вакцината против ХПВ. Вакцинацијата е бесплатна и се спроведува во вакциналните пунктови.
Центрите за јавно здравје засега немаат податок колку момчиња се вакцинирани со оваа вакцина затоа што не ги внесуваат податоците според пол.
Здравствените власти ќе спроведат кампањи во училиштата за да ги едуцираат учениците и нивните родители за придобивките од вакцината против ХПВ. Ќе има и активности во младинските клубови на кои здравствени работници ќе одговараат на прашања за вакцината, најави минатата недела Александра Грозданова, национален координатор за имунизација.
„Најголем дел од родителите немаат толку проблем со самата вакцина, колку што имаат со возраста, па затоа ја одложуваат. Најавуваме активности во училиштата, со родителите, во младинските клубови, да ги отвориме прашањата и дилемите што родителите легитимно ги имаат.“, рече Грозданова.
Редовното тестирање и вакцинацијата се сметаат за главни превентивни мерки кои можат да го намалат бројот на заболени од канцер на матка. Годишно во Северна Македонија има по 20 нови случаи со канцер на матка на 100.000 жени. За прифатлива бројка се сметат 2 до 4 новодијагностицирани на 100.000 жени. Или, во државата годишно се регистрираат околу 150-160 новодијагностицирани инвазивни карциноми на грло на матка и околу 50-60 смртни случаи како нивна последица.
Се проценува дека ХПВ-вакцината спречува 70 отсто од случаите на цервикален карцином, 80 отсто од аналниот карцином и повеќе од 40 отсто од вулвеларниот карцином.
Северна Македонија е меѓу првите земји на Балканот што ја воведе вакцината против ХПВ вирусот, во 2008 година. Оваа вакцина постои повеќе од 20 години. Во 156 земји во светот е внесена во редовниот календар за имунизација. Високоразвиените земји како Австралија, Велика Британија, Скандинавија, веќе одат со тенденција со зголемување на опфатот и вакцинирање на цели генерации.
Министерството за здравство набави набави 70 илјади дози на деветвалентната ХПВ вакцина за период од три години.