Во Скопје примени нови 23 заболени од Ковид, затворен ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија


Фото: Б. Грданоски
Во ковид центрите во Скопје во изминатите 24 часа хоспитализирани се 23 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Од утрово поради намален број на пациенти, затворен е ковид центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија.
 
Според информациите од Министерството за здравство, на инфективните одделенија во главниот град се лекуваат вкупно 262 лица сомнителни и потврдени за Ковид 19. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
 
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 13 приеми, а се лекуваат вкупно 74 пациенти. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември примени се девет нови пациенти, а се лекуваат вкупно 88 болни. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера е примен еден нов пациент, а на оваа клиника се лекуваат вкупно 92 пациенти.
 
На Институтот за белодробни заболувања во Козле се лекуваат вкупно пет пациенти, а на Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на Ковид-19.
 
Дома се пуштени 36 оздравени пациенти.
 
– Бројот на приеми во изминативе денови се намалува  и утрово до 8 часот имало 340 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места, информира Министерството за здравство