Во Скопје масовно се крадат метални решетки за сливници

Само на две улици во Скопје изминатите денови биле украдени 13 метални решетки за сливници, алармираа од Водовод и канализација.
Од таму се пожалија дека и покрај многубројните апели, кражбите продолжуваат.
„Овој пат е извршена кражба на 13 решетки на сливници на ул. Среќко Пужалка и 4 на ул. Финска. Случајот е документиран и пријавен во полициска станица. Дел од решетките на сливниците се заменети, а дел ќе се заменат во најбрз можен рок“, посочуваат од комуналното претпријатие.
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје упатуваат и апел до граѓаните на град Скопје за одговорно однесување кон атмосферската канализација, имајќи ги предвид кражбите на решетки на сливници во изминатиот период.
„Ваквиот вандализам негативно се одразува на претпријатието и истовремено ја загрозува безбедноста на граѓаните и учесниците во сообраќајот“, нагласуваат од Водовод и канализација.