Во Скопје балкански самит за влијанието на вештачка интелигенција во модерното време


Во Скопје денеска се одржа балкански самит „World Changers Balkan Summit“, на тема влијанието на вештачката интелигенција во модерното време. На самитот учествуваа министерите за животна средина и просторно планирање и за здравство, Изет Меџити и Арбен Таравари, поранешниот албански претседател Илир Мета, потпретседателот на Собранието на Косово Енвер Хоџај, како и дипломати и професори од универзитети.

За време на самитот, Меџити потенцираше дека визијата за напредокот на Северна Македонија се заснова на јасен пат кој обезбедува одржлив развој, во тесна соработка со образовните, академските и научните институции.

-Нашата земја мора да биде место во кој државните и јавните институции работат рамо до рамо со академската заедница, бидејќи само така можеме да бидеме сигурни дека секоја одлука ќе се заснова на докажани и научно проверени факти, одобрени со помош на стручни луѓе кои мислат и работат врз основа на објективни стандарди, рече Меџити.

Тој додаде дека нашето време се карактеризира од една страна со исклучително брз технолошки напредок, а од друга страна со глобални кризи кои бараат навремени и соодветни одговори.

Меџити појасни дека без разлика дали се работи за климатски промени, енергетски предизвици или преоптоварување на здравствените системи, одговорите на овие проблеми мора да се засноваат на науката.

Како што рече, политиките засновани на наука ни овозможуваат да ги интегрираме потребите на државата и да ги приспособиме на глобалните трендови.

-Не можеме да зборуваме за одржлив развој без да ја споменеме енергетската криза која го тресе целиот свет, вклучително и нашата земја. Мораме заедно со вас, претставници на научната и академската заедница, да тргнеме кон истражување и имплементација на најсовремените решенија во Северна Македонија. Инвестирањето во обновливите извори на енергија, одржувањето на енергетскиот биланс, инвестирањето во енергетската ефикасност се предизвик за секоја земја која сериозно размислува за својата иднина, рече Меџити.

Како што напомена, Владата работи на европски компаративни модели што ќе значат сериозни проекти за надминување на еколошкиот јаз што Северна Македонија го има во однос на Европската Унија.