Во скафандери за недоверба на владата

Повторно инвазија на вонземјани во театарот на апсурдот, во што се претвори Собранието на Македонија


Двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ позитивни на корона вирусот во четврток ќе гласаат за недоверба на владата. Веднаш да разјаснам дека според здравствените протоколи, веќе еднаш  применувани, не треба да има никакви пречки тие да гласаат. Воедно им посакувам брзо оздравување. Меѓутоа, ова е добар пример за апсурдноста на ситуациите во Собранието кои се повторуваат како фарса и се доживуват како трагокомични претстави во театарот на апсурдот во што се претвори  највисокиот законодавен дом кој носи закони кои важат, или не важат за пратениците во зависност од тоа на која страна седат во парламентот.

Пред шест ипол месеци, некаде во средината на април беа блокирани антикризните мерки за луѓето погодени од Ковид-19. Се работеше за петтиот пакет на финансиска поддршка за граѓани со ниски примања, со мали пензии, стари лица, самохрани родители, деца без родители, естрадни уметници, корисници на социјална помош и други загрозени дејности. При ваквиот однос на силите во Собранието како и за сите одлуки, без оглед колку се суштински за граѓаните, често одлучуваат само еден или два  гласа.

Тој ден во Собранието се појавија двајца пратеници на власта позитивни од Ковид-19 во скафандери. Тоа беше првокласна сензација. Спектакл, инвазија на вонземјани во парламентот. По одобрувањето да гласаат според здравствените протоколи настана канонада од протести и критики. Паднаа и многу тешки зборови, навреди, алармантни предупредувања за загроза на здравјето не само на пратениците, туку „биолошки тероризам“,  срамно непочитување на законот и на безбедноста на граѓаните.

Во оваа прилика ќе издвојам само две изјави – на кординаторот на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски  и на лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Мицевски фронтно од името на ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на Собранието Талат Џафери дека не ги почитува мерките за заштита од Ковид-19 и дека овој измислен протокол да можат да гласаат позитивни на вирусот не е над уставот и над деловникот на Собранието. Тој тогаш ги употреби зборовите: „Комисијата за заразни болести со ова одобрување ја поливте со фекалии. Како ќе ги убедиме граѓаните дека има пандемија и како да ги заштитиме кога вие сте првите тука кои не ги почитувате мерките?“

Судбината сакаше Никола Мицевски денес да е позитивен. Нека е со помин. Неговата денешна изјава е многу логична: Се разбира дека ќе дојдам да гласам. Нормално, ваква прилика да се собори владата не се пропушта по цена на животот и свој и туѓ. И Мицевски и неговата колешка пратеничка ќе дојдат уредно стокмени во скафандери и ќе гласаат. Тука нема ништо спорно. Спорно е само тоа што еднаш протоколите не можат да бидат над уставот и над деловникот и дека здравстевена комисија во Собранието била полиена со фекалии. А, сега сѐ е во најдобар ред. Добро е што сме со кратко памтење, а изминати шест месеци се долг период за да се паметат вакви дребулии и баналности.

Втората изјава е на Димитар Апасиев кој се претставува пред јавноста како голем легалист, почитувач на законите. Тој тогаш грмна: „Тоа што гласаат позитивни во скафандери е билошки тероризам“. За тоа Апасиев се закани со тужба против терористите. Не слушнав подоцна дека Апасиев тужел и каква е судската разврска. Но сега како партнер во уривање на владата секако дека не би било пристојно да инисистира на „биолошки тероризам“ и на тужби. Падот на владата е за здравјето на нацијата и на државата, а скафандерите се добра заштита кога се и на жешка глава.