Како ќе влијае изградбата на најголемиот ветерен парк на животната средина?


Во општините Штип, Карбинци и Радовиш ќе се гради најголемиот ветерен парк во Западен Балкан кој ќе се простира на 326 хектари. Градежните активности  ќе започнат во втората половина  на оваа година, беше истакнато во Штип на денешната  јавна презентација  на оцена на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти (ОВЖССА).  

Тања Димитрова-Филковска специјалист за животна средина „Алказар Енерџи“ на презентацијата истакна дека според анализите, турбините ќе произведуваат енергија со која може да се опслужат над 150.000домаќинства, притоа избегнувајќи околу 980.000тони емисии на CO2 годишно.

 -Фазата на изградба се очекува да започне во втората половина од оваа година и да трае приближно три години, а оперативната фаза ќе запоичне со поврзување на ветерниците со националната мрежа и се очекува тоа да биде во 2027 година, вели  Димитрова Филковска.

Посочи дека паркот ќе има 54 генератори на ветерни турбини кои годишно ќе произведуват над 860 GWh електрична енергија. Освен производството на енергија од обновливи извори, бенефит ќе има и локалната заедница, сметаат од компанијата којашто ќе го гради паркот. Се предвидува и изградба и реконструкција на пристапни патишта во должина од околу 68 километри.

-Главни компоненти на проектот се дека ќе бидат изградени до 54 ветерни турбини, секоја со капацитет до осум мегавати со вкупна моќност до 396 мегавати. Проектот треба да се развива во фази, ќе биде изградена трафостаница и ветерните турбини ќе бидат поврзани со трафостаницата преку подземни кабли односно 80 метри подземни кабли. И ќе има изградено приближно седум километри 400 ватен далекоовод кој ќе ја поврзува трафостаницата со постоечката национална мрежа, рече Димитрова Филковска.

Ветерниот парк којшто треба да го гради компанијата „Алказар Енерџи“ ќе биде со работен век од 25 до 30 години  и според најавите ќе чини околу 450 милиони евра.