Во шест општини во Албанија, со одредени проблеми, се гласа за градоначалници


Во Албанија денеска се одржуваат делумни локални избори, на кои 654.538 лица со право на глас избираат градоначалник во шест општини, Драч, Рогожина, Вора, Пешкопеја, Љушња и Скадар.

Според Централната изборна комисија, со одредени проблеми поради непристапните патишта во планинските населени места, условено од обилните снежни врнежи гласањето во поголемиот дел почнало во 7 и ќе трае до 19 часот.

-Во Скадар гласањето не е почнато во три гласачки места, но истите не може да се дислоцираат на друго место бидејќи тоа не го дозволува изборниот законик. Во Пешкопеја во 18 гласачки места има проблеми поради прекин во снабдувањето со елекрична енегија. Доколку набрзо не се надмине проблемот идентфикацијата ќе биде мануелна, информираше претседателот на комисијата, Илиријан Целибаши на првата прес конференција во 10 часот.

Во пет општини граѓаните избираат меѓу три алтернативи, на владејачката Социјалистичка, опозициската Демократска партија и коалицијата „Дом на слободата“, предводена од Движењето за социјалистичка интеграција, но главно се кандидати на крилото на демократите што го предводи Сали Бериша.

Само во општина Пешкопеја граѓаните ќе имаат можност да изберат меѓу четири кандидати, каде покрај ПС, ДП и „Домот на слободата“, има кандидат и на партијата „Ново движење“.

Новоизбраните градоначалници ќе бидат со мандат од една година, односно до редовните локални избори, што треба да се одржат во јуни следната година.

Општините каде се во тек изборите остана без градоначалнци подолг период, а во општина Скадар новоизбраниот Валдрин Пјетри, на изборите на 30 јуни 2020 година не ни седна во градоначалничката фотелја. Се откажа од мандатот по обелоденувањето дека бил казнуван во Италија за шверц на дрога, соопштувајќи дека сака како обичен граѓанин да ја докаже својата невиност. Функцијата продолжи да ја извршува дотогашната градоначалничка Волтана Адеми од опозициската Демократска партија.

Поради истата причина и градоначалникот на Вора, Агим Кајмаку, беше разрешен од функцијата откако се потврди дека го фалсификувал образецот за декриминализација.

Општина Рогожина од февруари 2020 е без градоначалник по ненадејната смрт на Хаџи Мола, додека градоначалникот на Пешкопеја, Дионис Имерај поднесе оставка откако се кандидираше за пратеник на листата на СП.

Градоначалничката на Драч, Валбона Дако се повлече по направениот гаф, по катастрофалниот земјотрес на 26 ноември 2019 година, кога изјави дека добро е што има 52 загинати зашто можело и повеќе.

Последна општина која остана без градоначалник е Лушња, во јули 2021 година, кога градоначалникот Фатос Туше беше разрешен откако беше уапсен за корупција.

На редовните локални избори што се одржаа на 30 јуни и истите ги бојкотираше обединетата опозиција, предводена од Демократската партија, од 61 општина дури во 60 новозбрани градоначалници беа од редовите на Социјалистичката партија, освен во општина Финиќ, населена со припадници на грчкото малцинство, каде беше избран кандидат на партијата МЕГА.