Во сапуница или не, Русковска и Муареми си го поткопуваат угледот

Русковска зборува за „паника“, Муареми вели дека ја штити институцијата. А јавноста не може да разбере за што, всушност, станува збор - за суети или за криминал


 

Спиралата на меѓусебни обвинувања на Вилма Русковска (шефица на одделението за борба против организиран криминал) и Арафат Муареми (директор на Финансиската полиција) добива такви размери што крајниот резултат може да има непоправливи штети за нив двајцата. Но и за институциите што ги предводат.

Однадвор малку може да се разбере за што, всушност, станува збор, освен што се споделуваат изјави за вршење притисок еден на друг. Сегашните недоразбирања започнаа кога на 18 јули обвинителите влегоа во Финансиската полиција да извршат претрес по претставка на група граѓани, како што тогаш беше соопштено. Тие влегле и во канцеларијата на Муареми (тој не бил тогаш таму), одзеле компјутери и документи, но до ден-денес не се знае причината за тој претрес, какви се наводите во претставката. Сѐ, како што вообичаено се кажува, поради интерес на истрагата.

Со овој претрес беше затегната спиралата на обвинувањата и недовербата меѓу двете клучни институции што се борат против организираниот криминал и корупцијата. Еден ден подоцна, како што се дозна сега, Муареми испратил претставка до Јавното обвинителство (државниот обвинител Љубомир Јовески соопшти дека ја примил) во која тврди дека имало низа недоследности во спроведувањето на постапката. Управата за финансиската полиција наведува дека имало „суштествени недостатоци на наредбата за претрес, начинот на постапување при нејзиното спроведување, нелогичности, излегувањето од рамките на законската пракса“. Оттаму тврдат дека на обвинителите им бил дозволен непречен пристап во просториите и непречено извршување на наредбата, „иако содржината на наредбата не ги исполнуваше формалните и материјалните-суштински основи за таа да биде издадена“.

Од наредбата, рекоа од Управата за финансиска полиција, воопшто не било јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а и судијата кој ја издал таквата наредба.

И со ова соопштение не беше јасно за што станува збор и зошто е извршен претрес.

Вилма Русковска оваа претставка ја протолкува како притисок врз неа и институцијата што ја раководи. „Со оглед на тоа дека претставката е поднесена минатиот вторник до обвинителот Јовески, а нејзиното соопштување сега во јавноста го сметам за директен притисок врз работата на обвинителството и на судот“, изјави Русковска за Дојче веле. Како што Муареми бил изненаден од претресот, така и Русковска била изненадена од неговата реакција која ја споредува со паника. „Ние само проверуваме наводи во пријава и во тоа нема ништо лично. Ако е работено сѐ по закон, тогаш не ја разбирам паниката и притисокот што се прави врз обвинителството и судот“, рече Русковска. 

И по нејзината изјава за Дојче веле не се знае за што точно станува збор.

По изјавата на Русковска, стигна ново соопштение на Арафат Муареми и Финансиската полиција, во кое се вели дека тој го предвидел развојот на настаните.

„Уште кога го пишував соопштението бев свесен дека Русковска ќе го злоупотреби зборот ‘наводен притисок’ врз институциите, но сепак, обвинителке, штитењето на своите права и правата на Управата за финасиска полиција од неосновани и незаконити дејствија и реакција до надлежните органи е моја обврска и по Уставот и по законите“, напиша Муареми.

Тој вели дека во наредбата за претрес стоела квалификација „основано сомнение“, а Русковска во својата денешна реакција рече дека „само проверувале наводи по пријава“. „Ваква мерка и квалификација се дава кога веќе е на располагање доказниот материјал“, тврди Муареми.

И по оваа изјава не се знае за што точно станува збор.

Но работите за нив полека излегуваат од контрола со штета која се зголемува. Не за Русковска или Муареми, туку за исклучително чувствителната работа што ја вршат нивните институции. Дали треба да се објави зошто бил извршен претресот веројатно треба да одлучи државниот обвинител Јовески. Доколку на денешниве две реакции утре или задутре следат уште две тогаш штетата ќе биде двојно поголема. Дали е во прашање судир на две гигантски суети или под пепелта има „корумпирано жарче“, но изгледа дека одредена транспарентност можеби ќе ја спушти напрегнатоста меѓу двете институции. (Љ.П.)