Во сабота на Школка ќе се слави Денот на Европа

По повод Денот на Европа, во сабота, на Школка, Градски парк, Скопје, ќе се одржи настанот „Европа низ детските очи“, со почеток во 11 часот.
Настанот е во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, и претставува едукативно-забавен перформанс посветен на децата, со пораки за пријателство, заедништво и европски вредности.
Централната програма ќе опфати: Изведба на македонската химна и химната на ЕУ од детскиот хор „Златно славејче“; Интерактивна театарска претстава на тема „Патување низ земјите на ЕУ“; Ди-џеј сет; Детски караоке перформанс; Зумба и танцување за деца (и за родители).
Во паралелната зона ќе бидат организирани едукативни пунктови:
Мали сликари: „Европа низ моите бои“
Квиз-зона: „Колку знаеш за Европа?“
Креативна работилница: Направи си од пластелин свој европски сувенир
Настанот е наменет за деца од училишна и предучилишна возраст, а ќе биде збогатен со аниматори, реквизити и симболични награди, создавајќи вистинска европска атмосфера во срцето на градот.