Во Романија сега оган може да се пали само во кујна, Македонија ништо не научи од „Пулс“
Жртвите од пожарот во романскиот клуб „Колектив“ добиле сериозни суми помош и долгорочна поддршка за лекување
„Несреќите како во Кочани немаат крај за семејствата на загинатите и повредените, па и за граѓаните. Тие бараат долгорочна поддршка“, изјави државниот секретар во Министерството за внатрешни работи на Романија и прв човек на Одделот за вонредни ситуации (ДСУ), Раед Арафат, на денешната дебата организирана од романската амбасада во земјава, на тема „Букурешт – Кочани: Научени лекции и пат до опоравување“. Дебатата беше уникатна можност од најкомпетентен романски функционер да се види како Романија се справувала со пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт што однесе 64 животи и што прави сега за да превенира и биде подготвена за други катастрофални вонредни ситуации.
„Сега, во Романија целосно е забранета употребата на пиротехника и на било какви огнови освен во кујна. Вака ќе ја спречите секоја идна несреќа“, рече Арафат.
Втората лекција што ја кажа е дека мора да се воведат јасни правила и да се осигура дека тие навистина се почитуваат, т.е. надлежните да видат со свои очи дека е така и на терен. Исто така, значајно е зголемена казната за надминување на дозволениот број на гости во угостителските објекти, дискотеки и слично бидејќи клубот „Колектив“ во кој се случи трагедијата бил регистриран како кафе бар за 8о лица – а работел како ноќен клуб со 200 до 300 гости.
„ Без разлика дали зборуваме за Северна Македонија, Романија или Кран Монтана – станува збор за затворен простор, забранета пиротехника, блокирани излези и игнорирани протоколи. Законот постои, но некои лица избираат да не го почитуваат“, истакна Арафат.
Како заклучок, тој порача дека суштинските лекции се јасни: „Без строга примена на законот, без координација и без култура на превенција, ризикот од нови трагедии останува.“

Како клучни за брз одговор во вакви трагедии, Арафат посочи неколку аспекти: најпрво системот за превенција и справување со несреќи мора да биде интегриран и според него на национално ниво, место фрагментиран, каков што е сега во Македонија, бидејќи така се намалува брзината и ефикасноста на одговорот. Тој мора да се одржува во форма со обуки и да не се има во предвид само еден тип на несреќа, туку и да се размислува што сѐ може да се случи.
Зборувајќи, пак, за справувањето со последиците тој и психолог од Романија, кој исто така учествуваше во дебатата, посочија дека ваквите трагедии имаат силен психолошки импакт на населението, така што напорите за надминување на последиците треба да бидат долгорочни и, дополнително на тоа, семејствата на жртвите и на повредените во Романија добиле „сериозни суми пари“. По несреќата бил донесен и специјален Приоритетен акт за фондови со кој се обезбедени пари за да се одговори на барањата на преживеаните наредните десет години. Како држава Романија склучила и договор за стратешко партнерство со белгиски воени болници каде што повердените сѐ уште одат на дополнителни лекувања и контроли.

Дури и за психолошката поддршка се направени темелни анализи за да биде посоодветна, иако самите рекоа дека ништо не е перфектно во овој процес. Она што го осознале е дека таква поддршка била потребна не само за семејствата на загинатите и на преживеаните, туку и за пожарникарите, полицајците, сите инволвирани во евакуацијата, па и за тие што одговарале на отворените телефонски линии на прашањата на родителите првите два дена.
„Мислевме дека она што се случи кај нас е уникатно. Но, потоа се случија Кочани и Кран Монтана“, нагласи Арафат, како аргумент дека мора да се има механизам за што побрз одговор на несреќите и дека е голем потег на ЕУ што веднаш по трагедијата во Букурешт воспостави систем за солидарност и брза реакција во вакви ситуациии и кој направи разлика по несреќата во Кочани.
Она што не го кажа, но го покажа индиректно, е колку многу пари чинат ваквите интервенции, колку земји, колку авиони, колку пожарникарни возила, колку луѓе и други ресурси се потребни само за една ваква трагедија – што се случува само поради недостигот од превенција (од страна на инспекцијата и воопшто надлежните служби) а од друга страна подготвеноста да се ризикува. Според него, и во романски „Колектив“ и во кочанскиот „Пулс“ непримената на превентивните мерки била клучна причина да се случат пожарите. Поради таа причина сега Романија има интегриран систем за цивилна безбедност (кој патем ги обединува пожарникарните и службите за брза помош) и кој довел до спасување, како што рече, на импресивен број на луѓе во нивните операции – дури 8 милиони. За механизмот, пак, што го изгради ЕУ за брза реакција при несреќи оцени дека е „најдобриот во светот во моментов“, но дека никој не знае што може да се случи натаму и затоа треба сите да бидеме подготвени.
Она што го презентираше околу трагедијата во „Колектив“ ги разбуди болните сеќавања за Кочани, бидејќи нашата во голема мерка беше реприза на нивната, а во меѓувреме не сме ги научиле нивните лекции. Исто како и во „Пулс“ и во романскиот клуб имало само еден излез така што најголем број од гостите умреле од задушување и биле нагмечени накај вратата. Исто како и во Кочани, пожарот се случил како резултат на употреба на пиротехника и освен еден, сите други членови на бендот умреле од изгореници, над 80 степени. Исто како во Кочани им верувале на збор на сопствениците за бројот на гостите и за природата на локалот, а „Колектив“ бил исто така во индустриски објект, но со една разлика – до него се стигало преку двор со влезна врата, па пожарникарите изгубиле време во вртење за да влезат.
Пожарот бил изгаснат за шест минути, но гостите настрадале од отровниот гас што го испуштила пената за акустика која горела. Во евакуацијата учествувале голем број возила, и тоа според Арафат ја прави разликата со Кочани и со Кран Монтана, кои се мали места и не располагаат со таков капацитет да одговорат, поради што препорача ваквите служби да се интегрираат, место секоја општина да има своја пожарникарска служба и своја брза помош.
Како и кај нас, настанот бил екстремно исполитизиран, но и проследен со многу лажни вести што создале притисок врз семејствата и довеле и до тоа да падне владата. Тој притисок најмногу пречел при распоредувањето на настраданите поради инсистирањето на семејствата да бидат транспортирани во странство, иако некои биле во премногу тешка состојба за да летаат. Тој го опиша во минута целиот процес на евакуација на настраданите во клубот, колку возила биле вклучени (само амбулантни 62) и какви (имале возило и за доставување медициски материјал за итни потреби кај клубот), колку болници располагале со центар за изгореници (само две), зошто морало да се распределат во повеќе болници, на колку им требало веднаш интубирање (дури на 88), колку умреле во клубот (26), колку умреле одејќи до болница (еден), колку умреле при трансфер надвор (тројца од 44), колку умреле во домашните болници потоа (22 отсто), а колку умреле од тие што биле пренесени во странство (25 отсто).
„Кај тие што имаа 90 отсто изгореници шансите за преживување беа само еден отсто“, порача Арафат, оценувајќи дека јавноста ја изгубила тогаш довербата во државата и вршела притисок сите да се транспортираат надвор од Романија, а тие не можеле да си дозволат да им речат „не“ на семејствата, бидејќи гласот на експертите никој не го слушал.
„Треба да запре политичката агенда за време на несреќи. Тие не се политичко поле за натпревар“ , рече Арафат сугерирајќи дека тоа што е потребно тогаш е обединување и солидарност, за подобро справување со несреќата.
Се јави за збор и швајцарскиот амбасадор во Македонија кој спомена дека неговата земја била меѓу тие што обезбедила третман за некои од настраданите во Букурешт, а оваа Нова година самата се најде во ситуација да прими таква помош. Тој спомена исто така дека веднаш имал јавувања од функционери во Македонија и дека сме му понудиле помош, и дека сега кај нив се отвораат тешките прашања околу несреќата. Арафат тоа го нарече двосмерен „автопат“ во кој – секој учи од секого.
Евроамбасадорот Михалис Рокас, пак, кажа дека Европската унија останува целосно посветена на поддршката за закрепнување на Кочани по трагичниот настан, дека повеќепати го посетил Кочани со својот тим и дека секоја посета го потсетува на тежината на процесот низ кој минуваат жртвите и нивните семејства.
„Тоа е долг процес за кој е потребно време и уште поважно, доследна и конзистентна помош. Се собравме не за да споредуваме, туку за да разговараме како да размениме искуства меѓу Букурешт 2015 и Кочани 2025, и како најдобро да им помогнеме на семејствата на жртвите“, нагласи Рокас.
Амбасадорката на Романија, Моника Аксинте, ја нагласија важноста на солидарноста, учењето од искуства и координираната поддршка, нагласувајќи дека дебатата не е само за романското искуство, туку за заедничкиот европски одговор на катастрофи. Таа потсети дека веднаш по пожарот во Кочани механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран, обезбедувајќи медицински транспорт на жртви во Литванија, Белгија и други земји. Аксинте порача дека Романија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија и дека искуствата од романскиот интегриран систем за вонредни ситуации можат да бидат од особено значење. (С.Ј.)