Во пожарите на Хаваи досега загинаа најмалку 36 лица


Најмалку 36 лица загинаа во огромните шумски пожари што ја зафатија областа Мауи на Хаваите, соопштија денеска локалните власти. Се стравува дека бројот на жртвите би можел да биде поголем бидејќи некои луѓе одбиле да се евакуираат.

„Борбите продолжуваат, а денеска 36 лица загинаа како последица на пожарот во Лахаина. Засега нема други детали“, се вели во соопштението, пренесува Си-Ен-Ен.

Пожарот уништи стотици објекти на Мауи, вклучувајќи домови и деловни објекти, а илјадници луѓе се евакуирани.

Заменик-гувернерката на Хаваи Силвија Лак претходно изјави дека „патот до закрепнувањето ќе биде долг“.

Жителите на островот објавија снимка од масовното уништување на социјалните мрежи.

 

Историскиот град Лахаина е уништен до темел. Разорниот пожар, носен од ветрот, беше незапирлив и покрај напорите на пожарникарите и граѓаните кои се обидоа да ги спасат своите куќи и фарми.

„Веќе ја немаме Лахаина. Ја нема“, изјави жителот Марк Стефл за Си-Ен-Ен.

Градоначалникот на Лахаина, Ричард Бисен Јуниор, рече дека повеќето од пожарите на Мауи сè уште не се под контрола.

 

 

Властите ги советуваа туристите што поскоро да ги напуштат Лахаина и Мауи.

Спасувачите на американската крајбрежна стража извлекоа десетина луѓе од океанот кај Лахаина, откако скокнаа во водата за да избегаат од пламените јазици и чадот. Лица кои се здобиле со изгореници биле префрлени на островот Оаху.

Американскиот претседател Џо Бајден нареди да се стават на располагање сите расположливи федерални средства и им изрази сочувство на жртвите.

Гувернерот на Хаваите Џош Грин истакна дека нема доволно долгорочни засолништа и дека противпожарните засолништа се достапни само неколку дена. Тој побара од туристите да ја одложат посетата на островот.

Ситуацијата се влошува, огнот се уште се шири, поттикнат од неконтролираните ветрови кои произлегуваат од неодамнешниот ураган Дора кој помина над Хаваи.