Во пожар во основно училиште во централна Кенија загинаа 17 ученици


Во пожар што избувна во основно училиште-интернат во централна Кенија загинаа 17 ученици, соопшти денеска портпаролката на полицијата. Локалните медиуми јавуваат дека телата се изгорени до непрепознатливост.

Претседателот Вилијам Руто изјави дека побарал од властите да го истражат инцидентот и да ги повикаат одговорните на одговорност.

„Наредувам на надлежните органи темелно да го истражат овој ужасен инцидент. Одговорните ќе бидат повикани на одговорност,“ објави претседателот Руто на својот профил на X.

Спасувачите сè уште пристигнуваат на местото на настанот во академијата Хилсајд Ендараша во Ниери, изјави портпаролката Ресила Оњанго во изјава за радиото Хот 96 ФМ. Подоцна ќе бидат објавени повеќе детали.

„Изгубивме 17 ученици во пожарот, а 14 се повредени. Нашиот тим е сè уште на терен,“ изјави Оњанго.