Во Португалија ден на жалост за жртвите на Ковид-19, од среда повторно „затворање“
Ден на жалост за 2.544 жртви на Ковид-19 е денеска во Португалија, а поголемиот дел на земјата се подготвува за ново „затворање“ во обид на властите да го запрат вториот бран на епидемијата.
Претседателот Марсело Ребело де Соуса и премиерот Антонио Коста со едноминутно молчење оддадоа почит на жртвите додека присуствуваа на спуштање на државното знаме на половина копје во претседателската палата, а почесната гарда на жандармеријата ја интонираше химната.
Во меѓувреме, се подготвува ново „затворање“ на земјата, но во помал обем од претходното, кое беше во текот на пролетта. Со новите мерки ќе бидат засегнати 7,1 милион Португалци, односно околу 70 отсто од населението.
Каде што е можно, работата од далечина ќе биде задолжителна, но училиштата ќе останат отворени, како и рестораните и продавниците, но со пократко работно време.
За да се избегне традиционалниот собир за верскиот празник „Сите светци“, владата го ограничи движењето меѓу општините до вторник и воведе задолжителна употреба на маски и на отворен простор.
Португалија минатата недела по првпат ја мина дневната граница од 4.000 нови случаи и 40 починати.