Во поплавите во Сибир загинаа 12 лица


Руската Влада соопшти дека 12 лица загинале, а девет се водат како исчезнати во поплавите што го погодија југоисточен Сибир.

Вицепремиерот Виталиј Мутко на владин состанок рече дека потрагата по исчезнати лица е во тек и оти 153 лица се хоспитализирани.

Поплавите следеа по обилните дождови и погодија 55 градови и села во регионот Иркутск. Мутко информира дека четири села сé уште се отсечени, но оти имаат доволно храна и други неопходни намирници.

Според Министерството за вонредни ситуации, повеќе од 4.000 куќи биле поплавени.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера ги посети поплавените области, и ѝ нареди на армијата да се вклучи во спасувачките операции.