Во понеделник ќе се решава дали ќе се заострат мерките за Нова Година


Фото: Б. Грданоски
 
 

Навестувањата дека се можни порестриктивни мерки за време на претстојните празници и уште едно кратење на времето до кога ќе работат угостителските објекти  ги плаши нивните сопственици. Според  шпекулациите можно е веќе од идната недела кафе баровите и рестораните да се затвораат многу порано од сега – до 14 часот, а за празниците да има целосно „заклучување“. Состојбата ќе се анализира наредните денови и во зависност од трендовите ќе се одлучува дали ќе се промени работното време или ќе има денови во кои нема да се работи.

-В понеделник не очекува малку подолг состанок. Мораме целосно да ја анализираме состојбата. Секако ќе разговараме за нови мерки кои ќе бидат пред се наменети за начинот на работењето на угостителските објекти. Дали ќе се намалува работното време, дали ќе има одредени денови кога нема да работат, ќе видиме. Сепак, мора да бидеме подготвени за претстојните празници и да не дозволиме да имаме наеднаш нов бран на огромен број заразени, веднаш по прославите на Нова Година и на Божик, изјавиле за „Фактор“ извори од Комисијата за заразни болести.

Секоја мерка што ќе се носи во тековниот месец не само што е задоцената, туку е и бесмислена, изјави Здравко Јосифовски од Независна угостителска комора, според кого граѓаните се дисциплинирани и се свесни дека годинава нема славење.