Во писмото до претседателката на БиХ, Трамп ја нарекол Жељка Цвијановиќ „господине“


 

Во писмото што американскиот претседател Доналд Трамп го испрати до претседателката на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) Жељка Цвијановиќ за воведување царини за производи од БиХ, тој направи гаф, бидејќи ѝ се обрати на претседателката на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ со „драг господине претседателе“.

Иако во насловот напиша „до нејзината екселенција Жељка Цвијановиќ“, на почетокот од писмото ѝ се обрати со „драг господине претседателе“, објави бањалучкиот весник „Независне новине“.

Социјалните мрежи во БиХ, како што се вели, се полни со коментари и исмејување на Трамп за овој пропуст, за што многумина го обвинуваат фактот дека тимот на Трамп отпуштил голем број професионалци од државната служба, откако тој станал претседател, бидејќи сметал дека не му се лојални, пишува овој бањалучки весник.

Претседателката на Претседателството на БиХ не ги коментираше овие детали од писмото на Трамп, но за новинската агенција Срна изјави дека одлуката на САД да воведе триесет проценти царини за сите стоки што влегуваат во Америка од БиХ, почнувајќи од 1 август, не е изненадувачка, но според некои, очекувана.

Таа не ја исклучи можноста за „намерна политичка опструкција во рамките на институциите на БиХ“, оценувајќи дека БиХ „е очигледно неуспешна држава во која ништо не се признава ако е за општо добро и ако не е за пресметка со другите под мотото ‘напад на уставниот поредок’“.

„Во секој случај, институциите и претставниците на Република Српска јасно го изразија својот став пред неколку месеци дека е потребно да се регулира ова прашање со САД“, изјави Цвијановиќ.