Во Париз почнува самит за иднината на вештачката интелигенција


Париз – Светски лидери, шефови на технолошки компании, академици и други експерти се собираат денеска во Париз на дводневен самит за заканите и ветувањата за вештачка интелигенција.

Тие ќе дебатираат за влијанието на технологијата врз јавноста, вклучувајќи ги потенцијалните апликации на вештачката интелигенција во области како што се здравството, образованието и работата, како и нејзиното регулирање и одговорна употреба, јави ДПА.

На состанокот се пријавени околу 1.500 учесници од околу 100 земји и следи по двата претходни глобални самити за вештачка интелигенција: во Велика Британија во 2023 година и во Јужна Кореја минатата година.

Меѓу политичарите кои учествуваат оваа година се американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, индискиот премиер Нарендра Моди, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Од технолошката страна, имињата од висок профил ги вклучуваат главните извршни директори на Microsoft, OpenAI и Google.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека сака да ја покаже својата земја како лидер во областа на вештачката интелигенција на самитот.

– Франција е водечка земја во Европа во областа на вештачката интелигенција, рече тој во интервју за весникот Le Parisien изминатиот викенд.

Во однос на регулацијата на вештачката интелигенција, Макрон рече дека би сакал да најде среден пат.

Според него, постои опасност некои земји да не воспостават никакви правила, но додаде: „Исто така постои ризик дека Европа, обратно, поставува премногу правила, се одвраќа од другите и затоа повеќе не може да биде иновативна. Мораме да ја одржиме оваа рамнотежа“.