Во општините со мнозинско албанско население слаба излезност за изборите


Излезноста за претседателските избори до 13 часот, според ДИК, од пристигнати повеќе од 75 отсто од избирачките места изнесува 20,45 отсто, но забележителна е разликата за излезност кај општините со мнозинско македонско население, наспроти општините со мнозинско албанско население, каде одѕивот е многу низок.

На втора прес-конференција на ДИК, за текот на гласањето за претседател до 13 часот, беше речено дека гласањето тече мирно, и дека не е отворено само едно место во Студеничани, поради доцнењето од три часа.

До ДИК се пристигнати податоци од 75,57 отсто од избирачките места каде гласале 284.982 гласачи или 20,45 отсто од запишаните во Избирачкиот список.

Најголема излезност има во Прилеп 35,2 отсто, Новаци 33,12 отсто, Свети Николе 31,10 отсто, Неготино 21,02 отсто, Пробиштип 30,62 отсто, Ранковце 30,63 отсто, Демир Капија 32,75 отсто, Кратово и Вевчани.

Најмала излезност има во Липково 5,43 отсто, Желлино 6,62 отсто, Врапчиште 7,5 отсто.

Од ДИК информираа дека во Охрид, Ново Село и Дебар каде има предвремени избори за градоначалници, гласањето тече непрекинато.

На овие избори на 3.480 гласачки места во 80 општини право на глас имаат 1.808.131 гласач.

Денеска се одржуваат и предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар и таму гласањето тече непрекинато.