Во Охрид отворена 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Во Охрид свечено беше отворена 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, настан на кој присуствуваше директорката на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик, Менка Андреева.

Школата се организира со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам, кое и оваа година издвои значителни финансиски средства препознавајќи ги важноста и потребата од афирмација на македонистиката и нејзините научни достигнувања во земјава и во странство.
Со впечатлив и инспиративен говор за значењето на македонскиот јазик, пред присутните се обрати претседателката, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, покровител и поддржувач на Летната школа. Свои обраќања имаа и министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова, и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Кристина Николовска.
Охрид, вековниот град кој бил религиозен и образовен центар на сите словенски народи, во следните две недели ќе обедини повеќе поддржувачи и љубители на македонскиот јазик од различни држави, во рамките на традиционалната Летна школа.