Во Охрид одржана церемонија во чест на Светлана Мојсов, годинешна добитничка на Светската награда на хуманизмот


На големиот празник посветен на Свети Климент Охридски кој бил основач на средновековната школа по хуманизам , денеска напладне во куќата на Уранија на МАНУ беше врачена наградата за хуманизам за 2025 на Светлана Мојсов, а ја доделува Охридската академија на хуманизмот.И покрај најавата дека таа ќе дојде во Охрид, таа ги извести организаторите дека поради зафатеноста со капитален  научен проект на матичниот Универзитет Рокфелер, не е во можност да присуствува на врачувањето, но дека во Македонија ќе дојде до крајот на есента. 

Проф.д-р Светлана Мојсов е 19-та по ред добитничка на ова престижно признание, а втора од Македонија по академик Георги Старделов. Мојсов е професор на универзитетот Рокфелер во САД, и е ќерка на македонскиот дипломат Лазар Мојсов. Таа има огромен придонес во современата македонска медицина, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.

Свеченоста, во присуство на претседателката Гордана Силјановска -Давкова, г.г. Стефан и уважени гости од научната фела во земјата и странство, започна со поздравно обраќање на Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов кој го објасни медицинскиот пат на Мојсов низ врвните институти на САД и сега е пред вратите на Нобеловата награда. По Попов, беседа за исклучителното хуманистичко дело на проф. Мојсов, одржа претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Плевнеш.

Еве, што кажа Плевнеш, во инспиративната беседа: 

Денес, на празникот на Свети Климент Охридски – летен, 9 август 2025
Во Охрид – вечниот македонски Свет Град и неговите седум милениуми
Во светската меморија, покрај Светото Охридско Езеро –
Едно од трите најстари езера на Планетата Земја, заедно со
Тангањика и Бајкалското Езеро,
Во Античкиот Лихнид и Словенскиот Ерусалим,
Во Куќата на Уранија на МАНУ,
По деветнаесетти пат се одвива академската церемонија
На прогласувањето на Добитникот на Светската награда на хуманизмот,
И тој чин зрачи по сите меридијани
Со Вечното Сонце на хуманизмот –
Што уште од првата средновековна школа на хуманизмот
Што ја основаа вечно живите светци на Охрид,
Свети Климент и Свети Наум, ученици на рамноапостолите
Солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј –
Прогласени за Заштитници на Европа
Единаесет векови по нивната смрт, во 1980 година
Од Папата Јован Павле Втори.
Бидејќи веруваа дека „Цивилизацијата на љубовта“ и
„Носталгијата по единството“ можат да го спасат Човештвото,
За кое, во секој Божји ден, со сè што се случува,
Нè обзема сомнежот дека му нема спас.
Тaa злокобна мисла, по уште позлокобната реалност,
Која однесе и носи милиони невини жртви во неврат,
Додека ги изговараме овие – честопати залудни – зборови.
Овде, во Охрид, со основањето на Охридската академија на хуманизмот
И востановувањето на Светската награда за хуманизам во 2007 година,
Водени од Светиклиментовата визија и благослов,
Македонија излезе на светската духовна сцена со
Една света и бесмртна идеја –
Дека на Охрид му прилега да биде прогласен за Центар на светскиот хуманизам,
Бидејќи друг таков град што ќе го слави хуманизмот
Во време кога нуклеарните сили и тиранијата на капиталот
Се закануваат дека ќе го уништат Светот и Човештвото –
Друг таков град, прогласен за Центар на хуманизмот – нема!
Затоа, денес, на 9 август, на Свети Климент Охридски – летен,
Драга Светлана Мојсов, го славиме Вашето научно и хуманистичко дело,
Го славиме Вашиот животен и творечки пат –
Од Вашето раѓање во Македонија во 1947 година
До Вашата академска одисеја на Универзитетот Рокфелер во Њујорк.
И затоа, пред нашите очи денес се одвива една реална и имагинарна
Охридска визита, во која свират охридските трубадури,
За кои бесмртниот поет Бранко Миљковиќ напиша:
„Пејте, прекрасни старци, додека над нашите глави
Исчезнуваат ѕвездите како метафори.
Сè што е високо – исчезнува,
Сè што е ниско – ќе иструли.
Кога мастилото ќе созрее во крвта, сите ќе знаат дека
Исто е да се умира и да се пее!“
Затоа, денес, во Ваша чест, Светлана Мојсов, дојдени се сите големи имиња
На светскиот хуманизам да Ви ја честитаат наградата и да Ве поздрават.
Денес, Куќата на Уранија на МАНУ е полна со видливи и невидливи гости
На Вашиот животен подвиг.
Дојден е првиот добитник Даисаку Икеда – будистичкиот филозоф од Токио.
Дојден е и Маноел де Оливеира – португалскиот филмски маг,
Кој заигра оро на охридското пристаниште за да го прослави својот
Стоти роденден.
Дојден е рускиот нобеловец Александар Солженицин –
Третиот по ред добитник на Светската награда за хуманизам.
Дојден е и Рави Шанкар – музичкиот светски алхемичар од Њу Делхи.
Од Германија е дојдена и нобеловката Херта Милер.
Дојден е и Романо Проди од Болоња, Италија –
Европскиот визионер кој велеше дека Европа,
Ако не пронајде збор што се вика „љубов“
И кој ќе влезе во уставите на сите европски држави,
Никогаш нема да го реализира своето обединување.
Дојден е и Жан-Патрик Конрад од Империјал колеџот во Лондон,
Кој напиша во париски “Монд“ дека
Охридскиот хуманизам е во темелите на европската и светската историја.
Во Охрид е и светскиот легендарен режисер Питер Брук,
Со чие бесмртно слово по две илјади години тишина
Повторно беше отворен Античкиот театар во Охрид.
Дојдена е и Вида Огњеновиќ од Белград,
Која и денес верува дека драмата може да ја менува жестоката реалност.
И меѓу сета таа светска плејада, дојден е и првиот македонски добитник –
Академик Георги Старделов,
Кој во еден брилијантен есеј ја издигна
Охридската школа на хуманизмот како светски филозофски постамент
На интернационалната меморија.
На охридската визита е дојден да Ви честита и
Бугарскиот сликар со светско реноме – Светлин Русев,
Кој предложи подигнување на единствен жив Монумент на планетарно ниво,
Во кој ќе бидат внесени имињата на сите добитници досега и отсега.
И по неговото заминување во вечниот живот,
Големиот македонски скулптор Жарко Башески ја обликува таа меморијална чудесија.
Општина Охрид го одреди местото,
И да се надеваме дека ќе се најде жив човек или институција,
Која во невидените количини на милиони и милијарди
Корупција и криминал ќе ја издвојат таа бедна сума,
Со која ќе биде подигнат Живиот монумент на Охрид
Како Центар на светскиот хуманизам.
И тој ќе трае во Вечноста!
Свети Клименте, моли се пред Господа
Да се оствари овој чин и да трае вечно во времето,
Под услов да трае и идејата на светскиот хуманизам,
Бидејќи – не дај Боже – и неа можат да ја уништат!
Драга Светлана Мојсов, на Вашето прогласување за добитник
На Светската награда за хуманизам,
Дојдени се и Вашите родители –
Вашата мајка Лилјана и Вашиот татко Лазар Мојсов –
Име што е запишано на врвот на македонската и југословенската дипломатија
И чии книги и денес ни отвораат нови хоризонти
Во погледите кон самите себеси,
Поврзани со минатото од кое соседните земји сакаат да нè лишат.
Но еден богомилски апокриф вели:
„Сегашноста е тука, иднината е непозната,
Најнепредвидливо е минатото!“
И минатото, и сегашноста, и иднината на Македонија
Се заштитени од бедемот на Светиклиментов хуманизам,
Кој е вечен и кој, со Светската награда за хуманизам,
Ќе ја краси светската цивилизација!
Драга Светлана Мојсов,
Ве прогласуваме за добитник на Светската награда на хуманизмот за 2025 година,
За Вашиот бесценет придонес во современата светска медицинска наука,
Биохемиските откритија и ендокринолошки достигнувања,
Кои Ви донесоа многу престижни награди и признанија од сите пет континенти,
Но оваа награда што Ви ја враќа Интерконтинентална Македонија
Е од длабочините на нејзиното срце и душа –
По нејзината и по Вашата судбина,
Опеана во стиховите на Кочо Рацин:
Ако куќа не направив со високи шимшир порти –
Куќа цел свет братски ми е!
Срце – порта најширока,
Срце – куќа највисока!
Јордан Плевнеш
Свети Климент – летен, 2025, Охрид

На настанот се обрати и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков:   

– Почитуван Јордан Плевнеш, Претседател на Охридската академија на хуманизмот, ценети почитувачи на ренесансното и филозофско научно движење за воздигнување на личноста, драги охриѓани и пријатели на Охрид.

Нашиов град кој денеска се поклонува во чест и спомен на најголемиот светител и просветител Св. Климент Охридски, денеска е и центар на Хуманизмот што векови и векови пред нас го основал тoкму тој, големиот Климент кој верувал дека со Просвештение се доаѓа до сапсение. 

Во овој празничен ден кога славиме за нашата вера и описменување се собра целата домашна и меѓународна асемблеја, a по повод долелувањето на светската награда за хуманизам. Уште поголемо е задоволството што и покрај сите големи дискурси што се одвивале во светски познати центри на културата сепак на крај Светските елити се враќаат на самите извори на хуманизмот во нашиов убав град Охрид.  

Денес највозвишено се чувствуваат сите оние кои припаѓаат на нашиот род македонски затоа што годинешен добитник на Светската награда за хуманизам е Светлана Мојсов, родум од Скопје професор на Универзитетот Рокфелер во САД. Наградата и се доделува за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справивање со дијабетесот и дебелината како и за ублажување на социјативни форми на патологии. По Георги Старделов таа е втор по ред добитник на ова престижно светско признание од Македонија што не прави особено горди и среќни.

 Пред нејзиното официјално овенчување со ова престижно признание сакам да упатам јавна благодарност до амбасадорот Јордан Плевнеш и до Охридската Академија на хуманизмот што ја организираат оваа величествена манифестација со која се активира генетскиот код и колективната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот основана токму од Климент Охридски пред кого денес се поклонуваме. 

Во време на планетарни потреси, климатски промени, природни катастофи, поплави, бури и пожари со невидени размери, со воени жаришта и конфликти во кои се вовлекува цел Свет школата на хуманизмот доаѓа како мелем, дрво од рајот кој испушта длабоки кореник, а неговите кислородни капки не спасуваат од нашето битисување. Како хранилка на нашата духовност, на нашата здраворазумност поткрепена со хуманистички заклучоци од научни светски умови, школата на хуманизмот стана наша неопходност. Токму затоа Општина Охрид секогаш ќе го подржува овој величествен и исклучително значаен културен настан. Пред крајот на моето обраќање уште eднаш и честитам на годинешната добитничка Светлана Мојсов за големата награда и и посакувам успеси и во иднина– подвлече Пецаков, а Мојсова ќе ја добие наградата- резбана статуетка на Св. Климент Охридски.

Денеска беше посетена и локацијата каде ќе биде поставено спомен обележјето на хуманизмот, дело на уметниците, Жарко Башески од Македонија и Светлин Русев од Бугарија.