Во недела, Женско авто-рели низ улиците на Скопје

Автомобилистичката федерација на Македонија (АФСМ) организира Женско рели низ улиците на Скопје во недела.
„Ова е веќе шести пат да организираме ваков настан, каде низ натпревар на вештини и брзина ги поттикнуваме сите девојки, сите жени активно да се вклучат во овој убав спорт. Преку вклучување во автомобилизмот, нашата федерација придонесува не само во забава, туку и развој и промоција на вредности и култура на однесување во сообраќајот. Сметам дека ова е
навистина важно за сите нас и како девојки, жени ќе испратиме силна порака на еднаквост, на позитивен дух, внимание и почит кон сите со кои се натпреваруваме, но и со кои секојдневно се сретнуваме, возејќи низ градските улици“, рече Кристина Станојковска, потпретседател на федерацијата, која денес учествуваше на редовниот состанок на европските
клубови при Светската автомобилистичка федерација (ФИА).
Организацијата на #женскорели2025 тече според планираното, со забележителен зголемен интерес за учество. Досега пријавени се над 80 учеснички од сите возрасти, а до денот на одржување се очекува бројот дополнително да се зголеми. Учесничките на #женскорели2025 имаат обврска да поседуваат возачка дозвола и сопствено возило, а во тимот имаат и совозач.
Релито е поддржано од повеќе домашни и меѓународни партнери, а е структурирано во два дела: градско возење по однапред дадена рута (се дава непосредно пред почетокот на релито) и брзински испит т.н. гимкана.
Автомобилистичката федерација на Северна Македонија е членка на Светската автомобилистичка федерација (ФИА). За оваа и наредните години е предвидена организација на повеќе настани и натпевари, со кои ќе се подигне не само видливоста, туку и привлечноста на мотоспортот во Македонија.