Во Москва се апсат врвни генерали. Зошто се случува тоа?

Путин ѝ нареди на тајната служба ФСБ да го исчисти Министерството за одбрана за да ги казни за неуспесите во Украина


Министерството за одбрана на Русија

 

Кампањата без преседан за апсење на високи руски генерали, која ја започнаа безбедносните сили по оставката на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, се одвива со согласност на Кремљ. А нејзината најважна причина е желбата на специјалните служби да ја префрлат вината за неуспесите во Украина на армијата, а исто така да добијат контрола над огромните буџети на воениот оддел.

Двајца руски владини функционери, двајца соговорници блиски до Кремљ и извор близок до Министерството за одбрана за „Москва тајмс“ го тврдат ова. Сите тие побараа анонимност поради чувствителноста на темата.

„Во тек е тешко чистење. ФСБ го чисти тимот на Шојгу. Ова е очекуван процес. Безбедносните сили добија дозвола од самиот врв [на раководството на земјата]“, рече извор близок до Кремљ.

„Има уште долг пат до завршување на чистењето. Не чекаат уште апсења“, додаде тој.

Разузнавачите одговорни за истрага на корупцијата се појавија во комплексот на зградите на Министерството за одбрана во Москва дури и пред да стане позната веста за апсењето на заменик-министерот Тимур Иванов, еден од најблиските и долгогодишни соработници на Шојгу. Според извор близок до Министерството за одбрана, тоа се случило на крајот на април, односно кога Шојгу сè уште беше министер, но веќе го губел влијанието.

„Сега таму [во зградата на Министерството за одбрана] има повеќе безбедносни офицери отколку воен персонал “, вели соговорникот на „Москва тајмс“.

Во две недели по разрешувањето на Шојгу, четворица високи генерали на руската армија веќе се уапсени под кривични пријави поврзани со корупција. Во четвртокот вечерта, Истражниот комитет објави дека е уапсен петтиот офицер

Ова потенцијално би можело да биде една од „најголемите чистки“ во модерната руска историја, а процесот само добива на интензитет, изјави актуелен руски владин функционер за „Москва тајмс“.

„Мислам дека до крајот на годината, вкупно, стотици луѓе ќе бидат уапсени во сите единици на Министерството за одбрана“, додаде тој.

Според друг функционер од Кабинетот, секогаш имало „купишта материјали“ за корупциски шеми во Министерството за одбрана и се отворале кривични предмети. „Но, додека Шојгу беше министер и имаше огромно влијание, на инспекторите не им беше дозволено да работат на нив“, изјави изворот за „Москва тајмс“.

Тековната кампања, за која ФСБ доби дозвола од Кремљ, покажува дека во воени услови, во конфронтацијата меѓу двете водечки безбедносни сили во Русија – армијата и ФСБ – победуваат специјалните служби, вели извор близок до Кремљ.

„Некој мора да биде виновен за неуспехот на инвазијата. Тоа се или специјалните служби кои се занимаваа со извидување и аналитичка подготовка на војната и му ветија на Путин триумфална операција и брза победа. Но, не успеаја. Или ‘втората армија на светот’ предводена од Шојгу, која требаше да ја обезбеди победата на Путин. Но, испадна дека е хартиен тигар и доживеа катастрофа“, објаснува соговорникот на „Москва тајмс“.

Како резултат на реконструкциите што Путин ги организираше по неговата инаугурација за неговиот петти мандат, не ја загуби само Шојгу функцијата, туку и координаторот на специјалните служби, секретарот на Советот за безбедност, Николај Патрушев. Сепак, ФСБ сè уште ја добива оваа конфронтација: може да добие охрабрување и награди за „борба против корупцијата“ во највисоките ешалони на моќ.

„Максималната задача е да ги поставите вашите луѓе на место и да ги контролирате најважните работи, оние области каде што има големи буџети“, објаснува еден владин функционер. „Или сериозно мислите дека еден од нив размислува за специјална операција во овој момент?

На 23 мај се дозна дека воениот суд во Москва го уапси началникот на Главната управа за комуникации на руските вооружени сили, заменик-началникот на Генералштабот, генерал-полковник Вадим Шамарин. Истражниот комитет го обвинува за примање поткуп.

Во средината на мај, началникот на главната дирекција за персонал на Министерството за одбрана, Јуриј Кузнецов, беше приведен под сомнение дека примил поткуп.

А на крајот на април, непосредно пред Шојгу да си замине од функцијата министер за одбрана, по истиот член беше уапсен и заменик-министерот за одбрана Тимур Иванов и испратен во истражен затвор. Тој е обвинет за примање голем поткуп.

Покрај тоа, уапсени се поранешниот командант на 58. армија на јужниот воен округ, генерал Иван Попов (обвинет е за измама) и началникот на одделот за државни набавки на Министерството за одбрана, Владимир Вертелецки. Попов потоа беше испратен во домашен притвор.