Во Македонија има епидемија на дијабетис
Во Македонија има 130 илјади дијабетичари и уште околу 70 илјади кои не се потврдени велат, од Клиниката за ендокринологија. Директорот на клиниката Танер Хасан вели дека бројката се зголемува и дека дијабетот расте во епидемиски бројки. Потребно е редовна медицинска контрола на луѓето со дијабет, но и едукации и кампањи за целото население.
Од Сојузот на дијабетичари велат дека треба да им бидат достапни сите лекови, редовна исулинска терпија, апарати и ленти за мерење шеќер и терапијата да биде на позитивната листа на лекови.
Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари, Димче Велев посочи дека е потребна достапност на иновативната терапија, како и да се продолжи со инсулинската терапија како досега. Повика на промена на моделот на т.н. референтна цена за граѓаните да можат сами да ги набавуваат потребните лекови во аптека.
Според него кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени во земјата, а потоа ретинопатијата, затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.
– Кардиоваскуларните заболувања се најбројни, потоа ретинопатијата. Сакаме час поскоро да ја имаме таа терапија, наместо да ја купуваме приватно, која е многу скапа, да биде ставена на позитивна листа и да има за сите пациенти, а не како сега со ограничен пристап, додаде Велев.
Заменик министерот за здравство Јовица Андовски, пак, истакна дека Министерството е во преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми.
– Министерството за здравство е во длабоки преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми, бидејќи сметам дека треба таму се фокусираме. До крајот на годината ќе излеземе со детали во однос на проширување на програмите, рече Андовски.
Светскиот ден на дијабетесот, денеска на Плоштад Македонија го одбележа и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК, каде свое обраќање имаше и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Клековски истакна дека планот на ФЗО за следната година е затворање на разговорите со синдикатите и матичните лекари, по што ќе може да се утврдат средствата со кои располагаат за лековите на позитивната листа.
– Работиме со Министерството за здравство да ги координираме меѓусебните односи, во однос на третманот на дијабетес. Знаете дека дијабетот е програма под Министерството за здравство, но секако дека не го исклучува и Фондот за здравство за својот дел на одговорности. Во основа работиме да видиме како може да ја подобриме комплементарноста во однос на таа програма. Нашиот општ план за следната година е час поскоро да ги затвориме разговорите со синдикатите и матичните лекари и тоа ќе ни овозможи да видиме какви средства ќе имаме на располагање за лекови на позитивната листа, рече Клековски.