Во Македонија има 50 единки бел потопник, третина се во Дојранското Езеро


Белиот потопник (Mergellus albellus) е мала и елегантна водна птица од семејството на патки, препознатлива по контрастното црно-бело перје, особено кај мажјаците. Ги населува мирните езера, акумулациите и побавните речни текови, каде што се храни со ситни риби и водни безрбетници, нуркајќи под површината на водата. Исклучително е подвижен и агилен пливач, најчесто активен во текот на денот, објави МЕД. 
 
Националната презимувачка популација се проценува на околу 50 единки, од кои речиси половина се среќаваат на Дојранското Езеро.
 
Во остатокот од водните тела на Македонија се јавува како редок зимски посетител на поголемите водни површини. Неговото присуство е показател за соодветни услови за презимување на водните птици.
 

Проектот „Заштита на Медитеранските влажни зони“, финансиран од Француската агенција за развој, има за цел да го подобри познавањето за биолошката разновидност на Споменикот на природа Дојранско Езеро и да помогне кон подобро управување со ова заштитено подрачје.