Во Кремљ се одушевени од желбата на Трамп да ги припои Гренланд и Канада
Во Москва потврдија дека дијалогот меѓу тимот на Трамп и Кремљ е веќе започнат
Директните контакти меѓу Кремљ и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп веќе започнаа, а Москва со одредено задоволство гледа како надворешно-политичките изјави на новиот американски лидер и неговата придружба создаваат тензии меѓу Вашингтон и неговите најблиски сојузници.
Изјавите на Трамп дека сака да ги припои Канада и Гренланд кон Соединетите Држави создаваат „тензија“ на Запад и „сето тоа е во наша корист“, изјави руски функционер за „Москва тајмс“.
Забелешките на Трамп беа подарок за пропагандата на Кремљ што ја оправдува анексијата на Крим и инвазијата на Украина. „Ова ни овозможува да кажеме дека сѐ е можно, старите правила повеќе не функционираат. Видете, дури и Соединетите Држави, кои ги поставуваат овие правила, не се подготвени да ги следат“, изјави руски дипломат за „Москва тајмс“.
Така, во извесна смисла, сè што досега направил тимот на Трамп е дополнителна потврда за гледиштата на светот и меѓународниот систем што Русија под Путин ги промовираше, изјави актуелен руски владин функционер за „Москва тајмс“: „Ние гледаме на сѐ што се случува. во исклучиво позитивно светло“.
„Сето ова многу му се допаѓа на Владимир Путин, бидејќи создава дополнителни точки на тензија меѓу САД и нивните сојузници. Исто така, тоа е одлична приказна што му овозможува на Путин да ги оправда своите постапки со овие двојни стандарди“, се согласува Александар Габуев, директор на Центарот Карнеги Русија-Евроазија во Берлин.
Ако Трамп продолжи да инсистира на својата реторика, тоа на крајот може да доведе до пад на поддршката за Украина и да ја дестабилизира ситуацијата во другите делови на светот, изјави Борис Бондарев, поранешен советник на постојаната мисија на Русија во ОН во Женева.
„Ова може да ги принуди европските сојузници на САД да одлучат каде да ги насочат своите не толку богати ресурси – да ја поддржат Украина или да ги задржат за себе, бидејќи кој знае? Сето ова може да влијае и на текот на војната во Украина. Покрај тоа, Кина, Индија и други земји го проучуваат ова“.
Дијалогот меѓу Кремљ и новата американска администрација „веќе е започнат на тимско ниво“ во ноември-декември 2024 година, а „директниот контакт меѓу Путин и Трамп исто така е веќе остварен“, изјавија двајца руски претставници вклучени во надворешната политика на Кремљ за „Москва тајмс“. Според нив, Кремљ и тимот на Трамп намерно не го објавиле почетокот на дијалогот и на секој начин го негирале по објавувањето на медиумските извештаи, за да се избегне притисокот од американскиот естаблишмент врз идниот американски претседател.
„И нашиот тим и тимот на Трамп научија од минатото, кога непромисленоста и недостатокот на воздржаност доведоа до скандал со мешање во изборите и на крајот сериозно ја ограничи слободата на дејствување на Трамп“, објасни еден функционер.
Минатата недела Кремљ и новоизбраниот претседател на САД објавија дека сакаат да се сретнат по инаугурацијата на Трамп. Но, секоја страна во соопштението рече дека другата страна изразила желба. Трамп подоцна рече дека подготовките за средбата веќе се започнати.
По инаугурацијата, фактот на комуникација може да биде јавно објавен без ризик, а интензитетот на дијалогот „значително ќе се зголеми“, изјави за „Москва тајмс“ извор од руското Министерство за надворешни работи.
„Психолошки ќе ни биде полесно да комуницираме со овој тим. Но дали обновувањето на контактите ќе доведе до какви било сериозни позитивни промени е отворено прашање“, додаде дипломатот.
По изборната победа на Трамп, Кремљ и Министерството за надворешни работи го започнаа процесот на избор на најсоодветен функционер кој ќе биде главен руски преговарач со новата администрација во Вашингтон. Сепак, подготвената листа не е конечна, бидејќи Путин лично ќе го направи изборот. Извор за „Москва тајмс“ очекува дека Путин ќе назначи еден од неговите најблиски и најдоверливи луѓе како главен „работник“ кој ќе му служи како колега на Кит Келог.
„Во потесниот избор се вклучени врвни личности од руското Министерство за надворешни работи или од руската претседателска администрација, или, што е многу веројатно, една од првите личности кои се поврзани со специјалните служби, а можеби и некој што работел со Путин од времето во Санкт Петербург“, заклучи рускиот дипломат.