Борисов со порака до Османи: Историјата нема да ни прости (Видео)

Посетата на Османи на Софија е претходница на средбата на премиерите Заев и Борисов, која треба да се случи пред 10 ноември

 

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска престојува во работна посета на  Бугарија и веќе оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и вицепремиерката за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева. Како што истакна тој на социјалните мрежи, пријателски бил стартот на нашиот источен сосед со кој во последниот период имаме проблеми околу јазикот и Гоце Делчев.

„Многу се надевам дека Република Северна Македонија ќе ги добие потребните гаранции од нас и дека ќе го продолжи патот кон пристапување кон Европската унија, како што направија многу други. Наша должност е за сегашните и идните генерации да обезбедиме Република Северна  Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан да не бидат запрени на кој било начин на патот кон Европската унија“, изјави премиерот  Борисов на средбата со Османи. Тој исто така изјавил дека е многу загрижен за вклучувањето на ОМО „Илинден“ и на „македонското малцинство“ во Бугарија во политичката резолуција во Европскиот парламент донесена во четвртокот.

„Ова во никој случај не е корисно во овој момент, кога бараме компромис – и меѓу историчарите и нашите политички партнери во Република Северна Македонија, за да се најде решение за ова прашање“, додал премиерот.

Борисов притоа истакна дека разговорите на сите нивоа треба да започнат од денес, така што до 10 ноември, кога Бугарија и Македонија ќе копреседаваат со Самитот, да има компромисно решение што ќе ги задоволи сите.

„Имате многу работа да направите, ова е многу сложен, многу брз и истовремено важен и неопходен процес. Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија имате и сте имале најголема поддршка и дека треба само да ја направиме историјата да биде мост на пријателството и блискоста, а не скршен мост на кој Република Северна Македонија не може да помине. Значи тука не треба да има политички игри“, рече Борисов.

Според него, перспективата и моментот се исклучително важни и би било грев во историјата доколку сегашните политички раководства во Бугарија и Македонија не успеат да најдат компромис.

„Ни светот нема да нѐ разбере доколку не се договориме“, заклучил Борисов.

По средбите на Османи започна пленарната седница на која требаше да се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Претходно шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева и министерот Бујар Османи се договориле следната недела да започнат со работа билатералните комисии кои произлегоа од Договорот за добрососедство од 2017 година.

Ова е прва средба на ниво на министри за надворешни работи откако мешовитата историска комисија престана со работа по избивањето на корона-кризата, а Бугарија во меѓувреме постави услови да се даде зелено светло за започнување на преговори на Скопје со ЕУ.

„Оваа посета го враќа политичкиот дијалог по долга пауза. Имаше избори и Ковид -19. Да се ​​врати духот на пријателство и добрососедство. Ние се покажавме сите овие години како добар сосед и пријател. Идните генерации нема да ни простат. Мора да се вратиме на договореното од 2017 година“, рече Екатерина Захариева.

Според неа Софија ги признала современите реалности околу нашата држава, па ред е сега и Македонија да ги признае историските. Таа дополни дека патот е поврзан со многу реформи, исполнување на критериумите но и на внимавање на националната позиција на Бугарија.

„Не сакам да дозволам атмосферата во медиумите да влијае на оваа средба. Соседите преку патот на реформите мора да бидат членки на ЕУ. Имаме време, не многу, двете комисии ќе се состанат следната недела по пауза од речиси една година“, додаде Захариева.

И таа како и премиерот Борисов на средбата не спомна можна блокада на Македонија, туку инсистираа нашата држава да направи компромиси. Захариева и овојпат тврдеше дека Бугарија секогаш ја поддржувала  евроинтеграцијата на Македонија.

„Знам дека секоја вест трае три дена, но ќе си дозволам да ве потсетам
дека Бугарија е земјата што првпат по 15 години за време на своето прво претседателствување со ЕУ ја постави темата на европската перспектива и
проширувањето на земјите од Западен Балкан како главна тема во ЕУ“, потсети Захариева.

Посетата на Османи на Софија е претходница на средбата на премиерите Заев и Борисов, која треба да се случи пред 10 ноември. (Н.В.)