Во Кина во карантин ставен 17-милионскиот Шежен поради 66 случаи на КОВИД-19

Градот, кој е дом на технолошките гиганти како „Хуавеи“ и „Тенсент“, го откажува јавниот превоз од понеделник и спроведува три рунди масовно тестирање. Сите ресторани и сите затворени места за забава се затвораат


Кина во неделата објави дека има 1.807 нови локални случаи на КОВИД- 19, најмногу во последните две години и три пати повеќе од претходниот ден, а го затвори 17-милионскиот град Шежен поради 66 случаи.

Бројките на Кина се далеку под оние во другите земји, но новиот раст ги загрижува властите, кои воведоа најстроги мерки за затворање од почетокот на пандемијата.

Поради новата брзо растечка варијанта на омикрон, кинеските власти дозволија купување на брзи тестови за да се забрза намалувањето на инфекциите, бидејќи тестовите што се применуваа досега бараа медицинските работници да ги земаат примероците.

Градот Шенжен во јужна Кина со 17 милиони жители е затворен откако се дијагностицирани 66 нови инфекции со коронавирус, објави локалната власт на градот, кој е дом на технолошките гиганти како Huawei и Tencent.

Шенжен го откажува јавниот превоз од понеделник и спроведува три рунди масовно тестирање. Сите ресторани и сите затворени места за забава се затвораат.
Североисточната провинција Џилин објави 1.412 нови симптоматски случаи во саботата, што претставува 78 отсто од вкупниот кинески број заразени, за разлика од 134 еден ден порано.

Властите во градот Чангчун, кој веќе е во карантин, спроведуваат масовни тестови и подготвуваат привремена болница со 1.500 кревети.

Кинеската Комунистичка партија отпушти шестмина локални владини функционери во јужниот град Донгуан затоа што не успеале да спречат нов бран на зараза, објавија во неделата државните медиуми.

Форумот за развој на Кина, собир на високо ниво планиран во Пекинг од 19 до 22 март, е одложен поради нови случаи на корона и не се знае кога ќе се одржи.