Во килибарниот поетски свет на Гордана Михаилова Бошнакоска – изобилство од нестивнати емоции и прележани мудрости (галерија)


Фото: Б. Грданоски

Публиката од сите сфери на живеење, синоќа, во КИЦ „вкуси“ од богатата лирска трпеза  на Гордана Михаилова Бошнакоска (1940, Битола), редок спој на дама и плоден автор во македонската литература. Овој пат во килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на
сонот, на промоција на најновата поетска збирка „Килибар и младост“, во издание на „Макавеј“.

Фото: Б. Грданоски

Со оваа збирка, една од најмаркантните македонски поетеси, го продолжува успешниот
залет од претходната стихозбирка „Мед и младост“ со која најави своевидна фигуративна бура во рамките на секогаш компактниот краток простор на нејзината лирска песна. Третата како проект ќе го носи насловот  „Маслина и младост“, која треба да излезе следната година.  Проектот е прв во македонската поезија како поетска трилогија.

Фото: Б. Грданоски

Во трите делови од оваа трилогија препознатлив е ракописот на поетесата која со години, како што вели таа, го брусела зборот кој ќе ја изгради содржината на песната. Во нејзината поезија, песната одразува настан(и ) кој од една во друга песна ја гради целосната содржина на збирката, а во исто време секоја од нив го живее сопствениот живот. Во поетската трилогија е застапен  елементот кој ја гради идејата на авторката, за постојаноста на младоста, така што во  „Килибар и младост“,  младоста е заробена во вековниот килибар, како невидлива силуета што постои во некој друг органски вид. 

Академик Влада Урошевиќ и Гоце Смилевски/ Фото: Б. Грданоски

Збирката „Килибар и младост“ , синоќа, со инспиративните беседи, ја промовираа истакнатите автори Бранко Цветковски и Гоце Смилевски, а стиховите  ги кажуваа артистите Софија Насевска Трифуновска и Борче Начев.

Фото: Б. Грданоски

…„Во килибар и младост“ нашата поетеса  нѝ се обраќа од килибарниот светлосен свет на нејзината меморија и преку илузијата на сонот, нѝ поставува на пребогатата лирска трпеза изобилство нестивнати емоции, прележани мудрости поминати низ најситното сито на личното векување и се збиднува функционален ментален смолест спој – нема дистанца меѓу појавното и сонуваното, растојанието е совладано, лирскиот тон се опредметува и преминува во нашите прсти со диктирачката имагинација – а ние, читајќи, само го продолжуваме траењето на илузијата.

          Таков е овој маестрално стокмен удар на Горданината лирска етида, како свој припев, како музика што ги збрала сите времиња, во едно – во нашето, сегашно, единствено и миговно вечно. Како што порачуваше и една позната француска поетеса – вечноста се крие во срцето на мигот.

                   Што е сон а што стварност во оваа книга на Гордана Михаилова Бошнакоска?

Фото: Б. Грданоски

                   Измешани се двете состојби – и сонот и стварноста. И е додадена уште една – незбиднатоста која демне за секој поетски спој. Ерго. Поетесата навистина се вдала во лирски проект кој го обезвременува времето, го разорува на веројатности кои со најмек допир создаваат очудување, онеобичување, мала бура во допирот на стиховите еден со друг.

                   Во сите циклуси на оваа книга,  од песна во песна се прелева оксиморонската љубов на телото и бестелесноста, на црното и белото, на ноќта и зората, на будноста и ноќниот тонеж во заборавот. Алките што ги спојуваат и неутрализираат отсуството и присуството се блескотните тела и невидливите души на љубовниците кои како испарлива материја на страста се реинкарнираат во секое продолжение како сладост и болка, како страв и надеж:

… Понекогаш сонувам

дека ти си мој

дека седиш до мене

дека појадуваш

во мојот кревет

па заминуваш на некој

далечен пат

дека таму заведуваш

секакви жени

кои ти ги бакнуваат

стапалата-рацете-очите-усните….

Фото: Б. Грданоски

                   Потоа, во некое неопределено време во сонот поетесата ја релативизира кобната проекција на страста и создавајќи атмосфера на присност го извлекува љубениот од туѓите прегратки и лирски прикажува или само сугерира, навестува, вести, заблудува:

 

… Понекогаш сонувам сон

ми велиш

,,никогаш не сум заминал,,

појадувам со тебе

на терасата

од твојот сон

ние лебдиме

меѓу мекото тесто

на топлите лебчиња

и жешките голтки

на зелениот чај…

Фото: Б. Грданоски

                   И продолжува, почитувани читатели, се стврднува во сопствено време од висока лирска вредност оваа книга, алхемиски се крева во нашата свест хармоничниот ритам на еросот и танатотост, на стравот и надежта, во места и предели знајни и измислени, во простори со џагор и во простори на молк и воздишки, во писма напишани и неиспратени, во писма стасани и неотворени, во имагинарни предели, нестварни езера и висичини, во пораки што самите се емитираат и ги наоѓаат етеричните тела на љубовта во некоја нова проекција, на некој нов праг од животната приказна што е своевиден цврст `рбет на оваа книга: зашто задоволството што го покренува и предизвикува овој поетски проект низ книгата „Килибар и младост“ го мултиплицира поетското кредо на парадоксот – својствата на телесноста да не им противставуваат секогаш на идеите на душевноста. Или како што имплицитно си поигруваше со поетичките аксиоми за внатрешниот вртлог на спростивставеностите во лирската песна, познатиот аналитичар на поетиката на текстот Роналд Барт – задоволството можеби може да се објасни и именува – насладата останува сама и недопирлива.

                   Сакам да  ве поведам и заведам токму на таа патека која води кон недопирливоста и неглаголивоста на  врутокот што баботи под стиховите на оваа книга.

Фото: Б. Грданоски

                   Гордана Михаилова Бошнакоска ни сугерира дека нејзиното поетско битие заправо се храни и опстојува само од длабинските клокоти на рој врток што го нарекуваме чувствување на изгубеното време. И наместо да ни говори за изгубеното време, таа на најзаводлив начин, ни го подарува поетското чувствување – врело, моќно, излеано во килибарна топлина и студ истовремено.

                   Затоа, почитувани читатели, дами и господа кое живеете за поезијата, ве оставам спокојно да ги прелистате чудесните песни-етиди од циклусите „Тој – сонување“, „Нашите можности“, „Килибар – внатрешен предел“ и  „Другиот“. Сами извлечете ги своите заклучоци и соочете се со сопствената рецепција на чудесната, будната и заумна песна што се создава во оваа книга на Гордана Михаилова Бошнакоска.

Фото: Б. Грданоски

              А мене, допуштете ми да се изјаснам уште еднаш:

                Внесувајќи речиси драматична новина во своето долгогодишно поетско творештво од над шест десетлетија, авторката објавува дека не е „сѐ е кажано“, дека не му робува на еден (дури и да е целосно личен) поетски систем и дека е „дојдено време“, барем во нејзиното творештво, поезијата-песната да стане толкувач на некоја стварност што го урива времето како категорија во емотивниот и општотознатиот универзум, и која што може, во крајна линија, воопшто да не биде напишана, а да суштестува.

                Јас продолжувам да ѝ се чудам и да ѝ заблазнувам.

                Зашто ако времето може да заборава и да (о)ништува сѐ, вистинскиот поет може да го превозмогне и да го обезвремени самото време!, истакна, синоќа, меѓу другото, во својата беседа,  поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски, автор на предговорот во „Килибар и младост“.

Фото: Б. Грданоски

За Гоце Смилевски, истакнат писател и автор на поговорот во „Килибар и младост“, најновата стихозбирка на Гордана Михаилова Бошнакоска, претставува значајно поетско остварување во творечкиот архипелаг на авторката, создавајќи диптих со нејзиното претходно дело, „Мед и младост“.

„И во двете збирки стиховите се родени низ контемплацијата за страста и љубовта, плотното и духовното, доаѓањата и заминувањата и враќањата, животот, смртта и вечноста, низ односот на две човечки суштества. Додека во „Мед и младост“ овие големи теми на поезијата се одигруваат помеѓу поетеса и артист, во „Килибар и младост“ Таа и Тој се поетеса и поет, а нивниот однос ги поврзува и трансфигурира сонот и јавето, северот и југот, минливоста и вечноста, кои допрени од нивната егзистенција и љубов, и со тие преобразби таа љубов и нејзините дејства добиваат алхемиска димензија.

 И во самиот наслов на стихозбирката се наслушнува ехото на алхемијата: налик на алхемичарите кои трагаат по каменот на мудроста поаѓајќи од materia prima и во таа материја ги наоѓаат проекциите на сопствените несвесни стремежи, така поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска во оваа поетска збирка тргнува од килибарот, кој трансмутирајќи, преоѓајќи од една агрегатна состојба во друга, ја стекнува вечноста, и моќта да го сочува за вечноста сето она што во себе ќе го зароби, што е тематизирано во повеќе песни, а можеби најексплицитно во „Бубачка“, и во првата песна, по која е именувана целата стихозбирка:  „ние во килибарот мек / околу нашите тела / слепен цврст оков / згустен вечен.“ Килибарот во оваа стихозбирка е едновремено и materia prima и камен на мудроста, и ги најавува својствата на оваа поезија во која се проникнуваат телесното и духовното, сетилното и оностраното, еротските и спиритуалните искуства, се соединуваат сонот и јавето, свесното и несвесното, минливото и вечното, мислите и имагинацијата, интелектуалното и ониричкото.

Сонот е сферата во која се одвиваат песните од стихозбирката „Килибар и младост“, и секоја песна започнува со стихот „Понекогаш сонувам“, а во тоа сонување има и посакување, и мечтаење како проекција на посакуваното, она што можело да стане стварност, а сепак не било остварено во реалноста. Уште со првите два стиха од првата песна, по која е насловена стихозбирката, најавени се сонот и отсуството: „Понекогаш сонувам / ти не си тука“, додека пак во втората песна, „Тој“, токму преку сонувањето е надополнето отсуството: „Понекогаш сонувам /дека ти си мој.“

фото: Б. Грданоски

Проникнувањето на ониричното и реалното во песните од „Килибар и младост“ иницира трансфигурации на просторот и времето, па така се преплетуваат различни темпорални планови, се приближување и допираат далечните простори, како во песната „Улици“: „Понекогаш сонувам /  дека го топиш / тој далечен снег / што сега лесно паѓа / кај мене тука / и ти се доближуваш / низ пространствата / на оваа далечина/ и сега можеме / да го видиме / езерото и реката.“ И додека стварноста е силата која ги спречува Неа и Него да го остварат заедничкото постоење, во сонувањето се остварува тој копнеж Таа и Тој да егзистираат еден покрај друг, како во песната „Тој е тука“, дури и заминувањето е потрага по повторна средба, како во песната „Заминувам“.

Гастон Башлар во „Водата и соништата“ вели: „Повеќе од јасните мисли и свесните слики, соништата се под влијание на четирите основни елементи.“ Ако треба да избереме кој од четирите основни елементи е доминантен во оваа поетска збирка на Гордана Михаилова Бошнакоска, тогаш несомнено би ја посочиле водата: во соништата од нејзините стихови се мешаат слатките води на езерото со солените води на фјордот. И не случајно во „Килибар и младост“ водата е доминантен елемент, затоа што, како што вели Башлар, „во самата супстанција на водата препознаваме одреден тип на интимност“,  а во песните од „Килибар и младост“ соништата се раѓаат од длабоката љубов на две човечки суштества; преку Нејзината и преку Неговата свест сонот се претвора во преиспитување на стварноста и на неостварливото, испитување на одлуките и на неостварените можности, непревземените чекори, сонот е вага на која се положува она неизмерливото – силната љубов на која не и е судено да се оствари низ заедничка егзистенција: Таа останува блиску до Езерото на Југот, Тој – до фјордовите на Северот. „Под површинските слики на водата постои низ на се подлабоки, се поупорни слики,“ вели Башлар, па така и под површината на водите на езерото и фјордот од стиховите на Михаилова Бошнакоска нѐ очекува повеќезначност, нѐ очекуваат слоеви од значења, притаени знаци кои нѐ упатуваат на суштината на едно страсно и возбудливо постоење. Постоење кое стреми кон соединување на Таа и Тој, соединување кое колку што е вкоренето во телесното и материјалното, толку во себе носи и метафизичка димензија на надминување на границата помеѓу две човечки суштества, состојба во која Жорж Батај вели дека ја надминуваме „одвоеноста на нашето јас, кое ја губи свеста за себе само кога ги пречекорува своите граници, кое себе се губи во прегратката, во која се губи осаменоста на битието.“

Во песните од оваа стихозбирка на Михаилова Бошнакоска ја осознаваме вистината дека човечкото суштество не е трансцендентално Јас кое постои само за себе, туку само преку Другиот може да го спознае светот и да се осознае себеси, а  Телото и телесноста е она што двата трансцендентални субјекти ги прави реални, и им дава суштина и печат на автентичност, како во песната „Твојата коса“: „Понекогаш сонувам / како северниот ветер / над замрзнатите / фјордовски карпи / ја вее твојата жолта коса / прамени меки  / паѓаат на перницата / на успаното лице / на жедните усни се лепат.“ Тој сон е роден од копнежот кој тлее во самотијата која не е состојба на одвоеност од светот, туку од објектот на љубовниот копнеж, што нѐ потсетува на зборовите на Гастон Башлар, кој на едно место вели: „Понекогаш во нас водат дијалог желбите – желбите? можеби спомените? или реминисценциите настанати од недовршените соништа? – еден човек и една жена говорат во самотијата на нашето битие.“

Тоа постојано нурнување во сферата на ониричкото во песните од стихозбирката „Килибар и младост“ не претставува бегство од стварноста во некој непостоечки свет, туку соочување со сопствените животни дилеми, предизвици и избори: „Понекогаш сонувам / како ме повикуваш / да го пречекорам прагот / на мојот живот / да го оставам зад мене / зад сѐ моите морали / моите етики / моите утра-денови-ноќи / сѐ што е  без тебе“ (од песната „Повик“).

Жерар Женет во „Фигури 1“ вели дека „и најнаивната површина на водата го скрива понорот“, а средбата на поетскиот субјект со водата и нејзината длабочина во песните на Михаилова Бошнакоска не води кон тонење, туку соочување со сопствените егзистенцијални прашања. Во песната „Нашите зелени куќи“ дното на миг го губи своето застрашувачко значење, тоа станува простор на интимата („Понекогаш сонувам / како стигнуваме / до нашите зелени куќи / населба скрита / тајна длабока / до самото дно на езерото“), место во кое се открива заедничката радост („се довикуваме / колку да не се загубиме / во овој порој од среќа / низ водата“), за потоа да настане пресврт во кој со контемплативен став му се пристапува на исчезнувањето и смртноста („моето зелено тело / се губи во сопствениот / простор втопен / во истата боја / на нашата длабока тајна / ти ме довикуваш / а мене ме нема.“).

Низ песните од „Килибар и младост“ провејува мислата за исчезнувањето и смртта, но таа мисла не е одвоена од силното чувствување на копнежот, од интензивното доживување на животот. Во оваа стихозбирка постои нераскинливо поврзување на Еросот и Танатосот, и дури ни смртта не е во состојба да ја изгасне љубовта: „Понекогаш сонувам / те барам / иако сум мртов / тоа не значи ништо / во овој свет / во кој обитувам“, се вели во песната „Ти каде си“. И последната песна од стихозбирката, „Нѐ нема“, која и завршува токму со тој стих во кој одекнува насловот, и кој говори за непостоењето, всушност говори за едно поинакво постоење од ова овоземното, во кое конечно и се случува оностраната, мистична венчавка на оние кои на овој свет биле разделени.

Најновата стихозбирка на Гордана Михаилова Бошнакоска претставува силна потврда на вредностите на книжевниот опус на авторката, и доказ дека страста во животот и во творењето обезбедуваат вечно обновлива младост и зрела поетската мудрост, кои силно ги чувствуваме во стиховите за сонувањето и за копнежот, и за Еросот и Танатосот на страниците на „Килибар и младост“, рече, синоќа, Смилевски. (Л.С.)