Во Карпош пата-пата, води Лукровски, но Јакимовски очекува победа во вториот круг
По избројани 40 отсто од гласовите во Општина Карпош води Сотир Лукровски, кандидатот на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, пред досегашниот градоначалник и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски, како кандидат на коалицијата „Искуство за успех.
Како што изјави вечерва Јакимовски, предноста на Лукровски била 266 гласови или, како што рече „пата-пата“. Тој очекува во вториот круг јасно да биде изразена вољата на граѓаните и да добие уште еден мандат, при што ги повика кандидатите кои што нема да поминат во вториот круг, да му дадат поддршка, ветувајќи дека ќе имплементира и дел од нивните изборни програми.
„Во глобала ова беше голем и демократски ден. Голем чин за граѓаните на Општина Карпош освен во населеното место Злокуќани каде што мислам дека после првиот круг треба да се позанимава Обвинителството затоа што имаше предизборен поткуп“, рече Јакимовски во оцената за првиот круг од локалните избори.
Тој рече дека влегува во втор круг, објаснувајќи дека по 40 отсто изброени гласови, кандидатот на владејачката партија води со 266 гласови, значи речиси пата-пата ситуација
„Јасно изразената воља на граѓаните на Општина Карпош, значи опозиционите гласови се скоро дупло во однос на владејачката ВМРО-ДПМНЕ“, рече Јакимовски.
Тој посебно им се заблагодари на противкандидатите на фер и демократската кампања, пред се на Маја Мојсова која, како што рече имала максимално коректна кампања, како и на Невена Георгиева и на кандидатот на Левица, Антонио Димитров
„Така се води изборна кампања“, рече Јакимовски, кој искористи да упати и јасна порака дека очекува нивна поддршка во вториот круг.
„Очекувам во вториот круг поддршка од сите опозициски кандидати, карпошани се на пат да го одбранат своето достоинство и да победат резултатите, проектите, знаењето, одговорноста…“, рече тој.
Одговарајќио на парашања на новинарите, тој рече дека на советничките листи очекува подобри резултати на неговата коалиција, но во Советот ситуацијата ќе биде шаренолика, односно никој нема да има мнозинство и ќе се водат преговори по изборите.
„Нормално е се земе дел и од програмите на оние што учествуваат во Советот. Јас по победата во вториот круг ќе имплементирам и дел од програмските заложби на кандидатите кои не поминаа во вториот круг“, рече Јакимовски.